Сиљановска: Во вториот круг очекувам поддршка и од опозицијата


Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска, порача вечерва, по објавувањето на резултатите, дека е горда на граѓаните и тоа не само на оние кои ја гласаа, туку и на останатите, а особено на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката.

-Без нив немаше да го запознаам народот, ниту тој мене. Горда сум на мојот тим, постојано беа со мене, горда сум и на учесниците во иборната трка и посебно на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно сум горда на жените во Македонија, мислам дека е време на идентификација на жена со жена без оглед на која идеологија и политичка партија припаѓаат. Жените беа моја инспирација и јас нивна, изјави таа на прес-конференција од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, додека пред белата палата членови на партијата славеа за големиот број на освоени гласови.

Таа оцени дека во дебатата и изјавите за време на предизборниот период кандидатите не го пречекориле лимитот на пристојноста, а за резултатот од првиот круг на претседателските избори рече дека е неверојатно инспиративен за неа.Таа истакна дека она што го ветила ќе го оствари на свој начин и тоа ќе почне да го прави уште од првиот ден.

-Доаѓа вториот круг, ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со којшто треба да се натпреварувам со должна почит. Очекувам таков однос, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори. Јас знам дека претседател/претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила, а јас ветив дека знаењето е вистинската можност и дека тоа води кон авторитет. Треба да ги инспирираме најумните, најспособните, најпосветените, тие може да ја направат Македонија горда. Без нас нема тоа да се реализира“,изјави Силјановска-Давкова.

Таа порача дека мора да се сплоти сето она што навистина ѝ посакува добро на Македонија „и да не останеме само во македонски рамки, туку да делуваме регионално, да си помагаме и да ги користиме сите форми на соработка“.

-Ако немаме регионален пристап и борба во битката за европските интеграции, тогаш да не очекуваме поддршка однадвор. Во маргинализирањето на оваа држава учествувале и оние од Запад, со остуство на јасна политика за евроинтеграција. Ако побараме помош од оние во регионот што се членки на ЕУ, ќе бидеме компетититвен играч“,рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во вториот круг, Силјановска рече дека очекува поддршка од сите, „особено од оние во опозицијата, така ми покажува логиката“.

-Ќе се обидам секој ден и секому да докажам, да покажам дека сум таму не заради мојата политичка кариера, туку заради Македонија. Дека сакам да бидат горди на мене, бидејќи јас ќе го докажувам тоа, дека Македонија за да биде горда мора да биде слична на останатите демократски држави, да биде стандардна, да биде втемелена на владеење на правото, да биде посакувано и навистина пристојно место за политички натпревар. Македонија не може да биде само моја, Македонија мора да биде на сите вас, да биде твоја, ваша, па нека биде и наша тогаш“, изјави Силјановска Давкова.

За резултатот од првиот круг на претседателските избори рече дека е благодарна, па дури и се срами со прашање – зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат.

-Не мислам дека сум посебна во многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, рече Силјановска Давкова.

Од обработени податоци на 81,64% избирачки места, според податоците на ДИК, Гордана Силјановска-Давкова има освоено 287.192 гласови. Нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски има освоено 140.272 гласови.