Силјановска: Во политиката влегоа луѓе аматери
Kандидатката за шеф на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вели дека власта наместо да пласира идеи, проекти, планови, ја троши енергијата во ветар, во навреди и негации. Силјановска-Давкова зборуваше за пресудите од Стразбур за правата на македонското малцинство во Бугарија коишто не се спроведуваат, но и за како што вели апсурдите коишто се случуваат поради Договорот со Бугарија, а се одобруваат од актуелниот претседател, во емисија на Алфа телевизија.
„Времето што го живееме е поинакво од 2019-та година. Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ, и нема да има никаков проблем. И, страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат“, заклучи таа говорејќи дека власта и нанесе голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија, и тоа е една од причините зошто се кандидира пак за претседател на Македонија.
Таа посочи дека сака да разговара со кандидат за проекти, планови и граѓаните да судат по тоа и по тоа да гласаат.
„Каков претседател сте вие, какви национални државни интереси браните ако велите за сите важат, а особено за нас пресудите од Стразбур, но не важат за другите. Сите држави, сите народи имаат малцинства што е логично во соседството, ама ние ќе се откажеме од нашето, ќе заборавиме на пописите во Бугарија, ќе заборавиме на училиштата во Бугарија, ќе заборавиме на библиотеките и на театрите во Бугарија за Македонците. Ама тоа што не важи за над 180.000 луѓе по пописите во Бугарија, што се случи, важи за 1.500 луѓе кои се декларирале Бугари, а кои според нашиот Устав се целосно заштитени. Нашиот Устав има цел еден дел за заштита на правата на малцинствата“, рече Силјановска-Давкова.
Во текот на интервјуто таа се осврна на хаосот со патните исправи оценувајќи дека со оваа одлука на власта се кршат човековите права.
„Проблемите со кои што се соочуваат ги произведе власта. Не ги произведе опозицијата овие проблеми, ниту пак граѓаните. Од власта ги произведоа проблемите. Тој што се нафатил за пет години, а заборавил дека десет години важат документите. Тој кој што заборавил и дека таму има и за внатрешна употреба, таму во поглавјата, а ниту едно поглавје не сме отвориле. Значи тој треба да го реши проблемот“, нагласи таа.