Сиљановска сака Македонија да биде во ЕУ до крајот на нејзиниот мандат
На крајот од нејзиниот мандат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова би сакала да ја види Македонија во Европската унија. Во интервјуто за МИА таа вели дека ако Украина и Молдавија „технички многу бргу напредуваат ние можеме многу побзо“.
На прашањето каква Македонија би сакале да види до крајот на нејзиниот мандата, Сиљановска вели:
„Да речам дека сакам да ја видам внатре во ЕУ, тоа е сега – 2026. Меѓутоа, ако не внатре – кога мислам внатре тоа треба да биде индивидуално зачленувањето, на заслуги, на мерит да биде. Мо мора да се води сметка и за регионалниот пристап, некој храбар чекор, каков што беше оној во 2004 година, ако сакаме многу полесно да ги решаваме проблемите во регионот. Сакам да кажам – пред вратата. Кога мислам пред вратата тоа значи завршени поглавјата, кластерите… Ќе речете: ‘Не ви личи, ова е утопија’. Видете колку бргу Албанија чекореше во отворањето и затворањето, а ако може Украина и Молдавија технички толку бргу да напредуваат, бидете сигурни дека ние можеме многу побргу. Значи, сакам извесност. Не велам дека ќе влеземе, но сакам да се знае дека врз основа на хармонизираноста – не само правна, туку и политичка, економска, реформска и така натаму – дека сте тука и дека во секој момент можете да влезете“.
Таа вели дека се обидела да воспостави контакт со опозицијата, бидејќи „не треба да одиме надвор без да се договориме дома“.
„Се обидов, верувајте ми, со најдобра намера да воспоставам контакт со опозицијата, да објаснам дека ако сме едногласни дома, да не одиме, прво, надвор, без да се договориме дома. Второ, да научиме дека надвор не се кажува она што се кажува дома. Ние многу сакаме да раскажуваме пред другите и многу се восхитуваме од комплиментите. Дури и кога сме свесни дека не ни личат, мислиме дека е така“, рече Сиљановска-Давкова.