Сиљановска предлага воведување доброволци во армијата, СДСМ ѝ порачува- има и сега!


 

Претседателката Гордана Сиљановска–Давкова, како врховен командант на вооружените сили денеска од Охрид посочи дека можеби би требало да се размислува во насока да им се овозможи на младите луѓе кои би сакале на доброволна основа да служат воена обврска.

„Дел од младите луѓе имаат желба како некогаш да бидат дел не само од професионална армија, туку доброволно во вооружените сили. Можеби би требало за тоа да поразговараме. Независно која би била одлуката по дускусијата, ова што го видовме ни дава чувство за безбедност“, рече претседателката, која денеска присуствуваше на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода на Охридското Езеро.

Нејзиниот став е дека треба да се размислува во таа насока, да се иницира дискусија, да се чујат експертите по прашањето. 

„Јас сум за цврста и силна граѓанска контрола на Армијата, ќе ги прашам сите, така што слободно може да се размислува на таа тема“, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова посочи на времето од поранешната државна заедница кога отслужувањето воен рок значеше интеракција на најразлични профили луѓе, градење односи на солидарност, разбирање…

„Тоа го видовме тука денеска, колку е потребна таа соработка. Се разбира дека можеби тоа навистина е важно во ова време“, рече таа, посочувајќи ја потребата посветеноста, дисциплинираноска да бидат императив во секоја област од професионалниот ангажман.

ОД СДСМ реагираа веднаш оценувајќи дека Сиљановска демонстрира „целосно непознавање на областите од нејзина надлежност“.

„Дава предлози за некакви консултации околу прашања кои одамна се решени. Имено, доволно ќе беше да прочита барем дел на суштинскиот закон кој ја дефинира нејзината надлежност, законот за одбрана, и ќе видеше дека во десетина членови и сега е предвидено доброволно отслужување на воен рок. И тоа е така веќе речиси две децении. Очигледно, претседателката уште еднаш потврдува дека е залутана на позицијата врховен командант на Армијата.

Имено, според Законот за Армија, воената служба на граѓаните се состои од 1) Доброволно служење на воен рок и 2) Служба во резервните сили на Армијата. Сиљјановска од почетокот на совјата функција докажува дека нема никаков капацитет да биде врховен командант на македонската Армија, прекршува протоколи и не ги познава законите. Очигледно нема ниту кабинет кој знае да ѝ укаже на ваквите елементарни непознавања“, порачаа од СДСМ.