Сиљановска побара климатската акција да се спроведе по принципот pacta sunt servanda
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при обраќањето на климатскиот самит КОП29 во Баку, Азербејџан, рече дека ни треба „мировен договор, природен договор, за да престанеме да ја третираме природата како противник и да почнеме да се однесуваме кон неа како кон партнер. Парискиот договор, целите за одржлив развој се основата на тој мировен договор, на тој природен договор. Да ги спроведеме во согласност со принципот pacta sunt servanda“.
Според неа, „доколку не го одржиме глобалното затоплување под 1,5 степени до 2050 година, наместо за одржливост и раст, ќе треба да размислуваме за соодветни места за населување и опстанок. Во оваа војна против природата, најчесто страдаат невините, децата, ранливите популации и малите нации во развој.
Сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, ние мора да ги прилагодиме нашите безбедносни, одбранбени, енергетски, здравствени, туристички, водни, образовни и други системи на овој повеќедимензионален предизвик, кој исто така треба да ги вклучи жените, децата и младите. Ги поддржавме декларациите за унапредена акција во доменот на туризмот и за водата за климатската акција. Воедно, назначив експерт за климатски промени во нашиот национален Совет за безбедност и се приклучивме на Групата на пријатели за клима и безбедност.
Нашата цел е да ја забрзаме транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод во сите сектори, вклучувајќи ги енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството. За да постигнеме зелен раст, ќе инвестираме во зелени работни места и ќе ги преквалификуваме работниците од производството на енергија на база на јаглерод. Одржливата енергетска транзиција мора да биде еколошки и општествено праведна.
За спроведувањето на предизвикувачкиот кластер ‘Зелена агенда и одржливо поврзување’ во преговорите за членство во ЕУ, потребни се 3,1 милијарди евра за обновлива енергија и енергетска ефикасност. Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан обезбедуваат финансирање за ова. Без оглед на напредокот во процесот на пристапување во ЕУ, земјите треба да имаат постојан пристап до фондовите за климатска акција пред членството“, рече Сиљановска-Давкова.