Сиљановска од Софија повика на дебалканизација на регионот


Од самитот на ПСЈИЕ во Софија

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија изјави дека е потребно оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз коишто пред три децении беше воспоставен овој процес.

Потсетувајќи на проблемите со коишто се соочува Југоисточна Европа, таа оцени дека масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности бараат храбро и одговорно лидерство, водено од заедничките интереси и солидарноста, а не само од парцијалните, соопштија од нејзиниот кабинет.  

Според неа, процесот на проширување на Европската унија мора да се темели на Копенхашките критериуми, а напредокот во спроведувањето на реформите да го диктира темпото на пристапниот процес.

Повикувајќи се на зборовите на бугарскиот автор Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, таа предупреди на потребата од дебалканизација преку европеизација.   

За неа, европската интеграција е природна, како и геополитичка и безбедносна неопходност, а стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес на сите држави во регионот, но и на Европа. 

Сиљановска-Давкова повика на регионална одговорност, како гарант за чекорење кон предвидлива и сигурна заедничка иднина, истакнувајќи дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби.