Сиљановска од Пелинце: Потрагата по среќа не е холивудско клише, туку потреба
Таа во својот говор истакна дека се обраќа на овој ден како партизанска ќерка, потсетувајќи на овој ден треба да се потсетиме на двете илинденски поколенија, на Гоце Делчев, на Питу Гули, Никола Карев и Методија Андонов Ченто.Таа порача дека денеска македонската независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа затоа што во македонските асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.
„Земете ја декларацијата на АСНОМ за правата на граѓаните. Во неа се гледа дека нашите основноположници не биле реалисти кои што се адаптирале кон моќта, туку биле идеалисти кои создале Република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани, не гледајќи на нивната народнос, пол и вероисповест. Тие создале Република на гарантирани права и слободи. Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности,“ истакна македонската претседателка.
Според неа младите во земјава сметаат дека најважно човеково право е правото на напредок и правото во потрага по среќата.
„ Потрагата по среќа за мене не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот, осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право што најпрво било прокламирано со американската револуција и било потврдено со француската револуција било прегрнато од нашите Илинденци и Асномци и преку нив вградено во македонската република и тоа не било случајно“, истакна таа.
Претседателката порача дека сите во земјава треба да ги вложат своите лични и институционални капацитети за да се спречи иселувањето на младите.
„Таа борба ќе ја добиеме со европеизација на државата, со владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес“, се наведува во честитката на претседателката.
Додека го одбележуваме Илинден, додава Сиљановска-Давкова, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат шумите, и животите и имотите на македонските граѓани.