Силјановска: Ние доаѓаме, ние сме вистинските Европејци!
Иако митингот беше почеток на претседателската кампања, Мицкоски зборуваше три пати подолго од Силјановска. Тој упати закани кон многумина
Повикувајќи се на Библијата во која, како што рече, Македонија се споменува на секоја страница, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вечерва на масовниот митинг пред зградата на владата ја најави главната поента на својата изборна кампања за претседател на државата – враќањето на изгубената гордост на граѓаните во Македонија.
„Гордоста не се купува или подарува. Гордоста се заслужува. Ова е годината кога одбележуваме 80 години од македонската државност, 80 години од АСНОМ. Партизаните беа инспирирани од првиот Илинден и затоа влегоа во вториот Илинден, во борба за слобода. Е, така се гради гордост, тие загинаа за нас, за Македонија да ја направат горда. Ние тоа мора да го почитуваме. Тие тоа го заслужуваат, нашиот народ тука тоа го заслужува“, го започна говорот Силјановска пред толпата што вееше мноштво знамиња, но ниту едно на ЕУ или НАТО, но ниту од Русија. А, за тоа што не е горда државата, таа посочи кон позицијата.
„Кога не сте ги направиле реформите што сте ги ветиле, вие си одите. Ние доаѓаме!“, порача Силјановска-Давкова на актуелната власт, нарекувајќи се себеси и собраните граѓани „вистински Европјани“.
„ Ние имаме умешност, имаме способност и знаеме да цениме вистински вредности, правна држава и владеење на правото, независно судство, слободи и права на човекот и граѓанинот и економија што води напред. Ние ги цениме европските вредности, а тие ги кршат, но се затскриваат зад нив. Затоа, во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика Еу, НАТО, ЕУ, НАТО…туку со почитување на вредностите. Замислите, тие членството во ЕУ го замислуваат како качување на воз што ќе ги однесе во Брисел. Не, Брисел треба да дојде овде“, порача таа, без да спомене директно каква ќе биде нејзината позиција во однос на условите што ни ги поставува Европската унија, освен што ќе не направи горди.
“Бидете сигурни дека ќе ве направиме горди. Сум ги направила горди моите студенти, а како пратеничка гордо ве застапував вас, за разлика од нив. Проверете и утврдете ја разликата. Споредете што зборуваат едните, а што другите. Не правиме компромис со вредности, немаме право на тоа, зошто така ја нагризуваме гордоста на Македонија“, рече Силјановска-Давкова.
Според неа, тие (ВМРО-ДПМНЕ) го кажуваат тоа што го мислат, додека другите (СДСМ и ДУИ) тоа што сакаат да го слушнат големите.
Пред да порача дека се надева на радикална промена и по парламентарните избори, таа рече дека ќе ја советува новата влада и кога ќе треба ќе ја критикува, а надвор никогаш нема да замине без да изгради консензус за главните национални прашања со порака: „Ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави, треба да соработуваат. Не се оди надвор во дуел, туку во дуо“.
Потоа најави дека ќе се послужи со вето ако Собранието носи штетни одлуки, дека нема да дозволи да парадираат надвор наши дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија, дека „нејзините“ двајца членови во Судскиот совет ќе бидат најдобрите судии, дека ќе личат на Недков, Џунов, Старова и други, а не на нивните, како што, рече партиски послушници кои ги употребуваат против народот.
Со порака дека Македонија не заслужува тоа што ѝ се случува , Силјановска-Давкова го спомна и НАТО како факт, па порача дека како земја членка на алијансата треба да ги почитуваме стандардите. Најави промени во составот на Советот за безбедност каде што ќе именува „најврвни“ кадри, најави дека ќе се залага за заштита на жените, дека ќе помилува осудени само кога ќе биде убедена дека е потребна „кочница на судството наречена правда“ и заврши со пораката дека „ако стручноста и компетентноста се први, ќе се идентификуваме со најуспешните како држава“, практично навестувајќи дека се противи на партизацијата. На крајот таа го цитираше и покојниот професор Ѓорѓе Марјановиќ и неговата позната реченица дека ќе бидеме горди „кога ќе бидеме пристојна држава и општество“.
„Бог да ја благослови Македонија, да тргне во нови победи“, порача Силјановска-Давкова завршувајќи со зборовите „да живее Македонија“. На крајот таа ги нападна уште еднаш актуелните владејачки партии, оценувајќи дека „освен што се караат, ништо друго не можат да направат“ и дека наспроти нив таа ќе се однесува натпартиски, ќе гради сојузи и ќе прави консензуси заради гордост на Македонија.
Нејзиниот говор изобилуваше со патетика место со политика, како и со континуитет кој одеше дотаму што ги стави на ист пиедестал на државноста личности од Илинденското востание до СКМ, што со фолклорните елементи од ВМРО-ДПМНЕ беше на некој начин обединување на идеологиите, иако така како што беа нафрлени пораките не мора и да значи тоа.
Иако ова беше првиот ден од претседателската кампања, Гордана Силјановска-Давкова беше загревачки говорник пред настапот на лидерот на партијата. Наспроти неа, говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, долг околу 40 минути, освен со истата патетика, беше полн и со негативна реторика, обвинувања и заканувања во стилот – што нема да толерира. И генерално бегло споменувајќи ја Силјановска-Давкова тој целото обраќање го посвети на парламентарните избори. Повикувајќи се на гордоста на историјата, на храброста на претходните генерациии тој воопшто не го спомена патот кон ЕУ, ниту промените што се неопходни да се направат, ниту пак ја спомена Бугарија.
„Нашата идеја се вика Македонија. А, нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот, одземена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“, рече на почетокот Мицкоски, речиси викајќи за потоа да го намали тоналитетот како што изминуваа минутите.
Тој го повтори она што ВМРО-ДПМНЕ го нагласува подолго време: „Ја руинираа државата. Македонците се граѓани од втор ред, но и сите други, Албанци, Турци, Бошњаци… Сите се граѓани од втор ред ако не се Артан и неговите другарчиња или Бујар и неговите другарчиња“.
Мицкоски рече дека се зборувало оти во владата почнале да пакуваат куфери, дека се уништувале документи.
Речиси постојано повторувајќи го слоганот на кампањата на Силјановска-Давкова дека „Македонија ќе ја направиме повторно горда“, тој се потсмеваше на конвенцијата на Стево Пендаровски и на неговите зборови дека зад себе немал никаква афера, скандал или обвинувања дека крадел. Па, уште спомена дека во салата на таа конвенција сите аплаудирале на тие зборови, само генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, не го правел тоа.
Во единственото посредно споменување на патот кон ЕУ, Мицкоски рече дека „францускиот предлог е јамка околу вратот за Македонија“.
Не споменувајќи му го името, тој одвои време и за изралескиот стручњак за политички кампањи (за кого партијата зборува последниве две недели) и рече: „Израелскиот мешетар за лажни вести пред да отиде кај Ковачевски беше кај мене и ми понуди да прави скандали и лажни вести. Толку силно го избркав што тој го промаши излезот од канцеларијата“.
На крајот тој испраќаше пораки до пензионерите, до младите, работници, лекарите, до албанската опозиција дека сака да коалицира со неа, но со меѓусебно почитување, до ДУИ да се ослободи од корупцијата и, веќе гледајќи се како премиер, ги предупреди идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ да не помислуваат да влезат во корупција.
„Утрешнината ќе биде светла, доаѓа ново утро“, рече при крајот на говорот Христијан Мицкоски.
Во многуилјадниот народ беше забележливо дека сите коалициски партнери беа дојдени со знамињата на своите партии и имаше членови пристигнати од цела Македонија. Генерално, целата атмосфера на собирот беше патриотска, со песни од комитското минато кои ја слават храброста. (Н.В.)