Сиљановска не гледа партизација – 67 отсто од амбасадорите биле дипломати од кариера
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во однос на предлозите за амбасадори, денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека е најдобро во пополнувањето на испразнетите амбасадорски места акцентот да се стави на дипломати од кариера.
-Законот за надворешни работи ја утврдува постапката, таа започнува од министерот за надворешни работи, преку Владата па потоа ќе дојде кај мене. Сметам дека е најдобро во пополнувањето на испразнетите амбасадорски места да започнеме и акцентот да го ставиме на дипломати од кариера, и во моментов 67 проценти од предложените се луѓе од кариера, рече Сиљановска Давкова во изјава за медиуми по одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Сиљановска Давкова потсети дека според закон потребно е 50 проценти да бидат дипломати од кариера, и изрази надеж дека во иднина ќе се стигне и до 70 проценти на кариерни дипломати.
-Тоа не значи дека и во другите држави за амбасадори не се номинираат и луѓе надвор од фелата на амбасадорите. Има држави во кои и новинари понекогаш се номинираат за амбасадори. Се работи за извонредни познавачи на проблематиката и тоа може да бидат професори, тоа можат да бидат луѓе од бизнисот, важно луѓе кои ја знаат проблематиката, го познаваат јазикот на државата, говорат јазици и со дигнитет и интегритет може да ја претставуваат државата, рече таа.
Претседателката истакна дека нам како држава ни е многу важно кој не претставува надвор и ја охрабри Владата со ваквите предлози.
-Затоа во овие последни предлози има и луѓе од невладиниот сектор кои се извонредни познавачи на проблемите кои треба да ги претставуваат надвор, додаде Сиљановска Давкова.