Силјановска ќе бара објаснување од Софија за знамето
Претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе бара одговор од од Софија зошто го немаше државното знаме на средбата со бугарскиот председател Румен Радев. Во кабинетот сакаат да веруваат дека се работи за протоколарен превид.
– Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна., најавија од кабинетот за ТВ 24.
Воодушевена од настапот на Бугарската опера во Скопје со вагнеровата „Валкира“ и убедена во моќта на културната дипломатија, Силјановска, објаснуваат од нејзиниот Кабинет, ветила дека ќе присуствува на настапот на Македонската опера во Софија со вердиевиот „Набуко“.
– За таа цел, на 13-ти септември ја посети Република Бугарија, придружувана од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков. По тој повод, беше договорена тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, господинот Румен Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на Македонската опера и балет. За жал, трагичниот настан, односно авионската несреќа ги спречи претседателот и неговата сопруга да ѝ се придружат на претставата. Обајцата се извинија за спреченоста. Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот, посочуваат од нејзиниот Кабинет.
Инаку не е првпат бугарски функционер на ваков начин да го злоупотреби протоколот кога има посети од Македонија. Сличен инцидент, тогаш со ненајавена камера, имаше и на средба на Бојко Борисов со екс премиерот Зоран Заев и ваквото однесување е дел од бугарското сфаќање на политиката.
На протоколарната замка во Софија реагираше и Левица. Според оваа партија, ваквите провокации не можат да се толкуваат како „добрoсоседски односи” кога нивната цел е јасна – поткопување на македонската независност и продолжување на антимакедонскиот наратив ,,две држави-еден народ”.
„Радев не се обидува да гради вистински односи, туку пропагира бугарски национал-шовинизам, со поддршка од македонските политичари подготвени на компромиси на штета на сопствениот народ и потклекнати пред бугарските ултиматуми.Од политички лидери кои ветуваа чест и независност, Силјановска и ДПМНЕ се покажаа само како посредници на странски агенди. Наместо да ја следат волјата на народот кој ги избрал, големите патриоти исполнуваат желби на надворешни сили. Левица ја лоцира одговорноста и во протоколот на Силјановска, кој не смеел да дозволи ваков дипломатски дебакл и морал веднаш да интервенира“, порачаа од Левица.
Дипломати во земјава исто така оценуваат дека , без оглед на тоа, дали посетата била формална или неформална, елементарен дипломатски протокол е истакнување на знамето на државата од која доаѓа државникот, а мали знаменца се ставаат и при посетите на амбасадорите. Некои пак вина наоѓаат и во членовите на протоколот на Силјановска кои морале претходно да проверат каде и во какви услови таа ќе се сретне со Радев и да реагираат за знамето пред средбата.