Силјановска греши, претседателот на Романија го избираат граѓаните, а не парламентот


Претседателот на Романија, Клаус Јоханис

 

Коментирајќи ја идејата на претседателските кандидати од албанскиот блок, шефот на државата да се избира во парламентот а не на избори, професорката со големи познавања на меѓународните правни системи направи грешка, за потоа од таа грешка да развива тези.

Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „Вин-вин“ на Телма цврсто заложувајќи се претседателот на републиката да се избира со гласање на граѓаните, а не на пратениците, таа рече дека и во некои земји каде шефот на државата се избира во парламентот тие имаат поголеми надлежности од македонскиот. И при тоа го наведе случајот на Романија, велејќи дека иако претседателот го избира парламентот, тој имал право да не се согласува со предлогот за одредени министри и да стави пречка за нивното именување. А потоа да ја доразвива тезата зошто можеби и македонскиот претседател да не има и такви надлежности.

Проблемот е што Силјановска-Давкова ја разви целата теза врз погрешна премиса. Претседателот на Романија се избира на општи избори, а не во парламентот. На тие избори право на глас имаат и Романците кои живеат во странство.

Сегашен претседател на Романија е Клаус Јоханис (припадник на германското етничко малцинство и поранешен градоначалник на градот Сибиу). Првиот мандат Јоханис го освои во 2014 година, победувајќи во вториот круг од изборите. По пет години, во 2019 Јоханис го освои и вториот мандат, победувајќи со огромни 66 отсто во вториот круг.

Една личност може само два пати да биде избрана за претседател на Романија. Мандатот е пет години. На Клаус Јоханис вториот мандат му истекува во ноември оваа година. Тој пред некој ден јавно ја објави кандидатурата за генерален секретар на НАТО, спротивставувајќи се на холандскиот премиер Марк Руте, зад кого стојат најсилните членки на алијансата. (Н.В.)