Сиљановска го избра Советот за безбедност, член е и Малинка Ристевска-Јорданова

Двајца членови на Советот, Џевдет Хајредини и Малинка Ристевска-Јорданова беа дел од две влади на Бранко Црвенковски


Пред една година Малинка Ристевска-Јорданова изјави дека е време „да се крене рачна“ околу ЕУ (Фото: ИКС)

 

Четрии месеци по инаугурацијата претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го комплетираше Советот за безбедност избирајќи ги трите членови кои се надвор од функционерите. Според соопштението на Кабинетот на Сиљановска-Давкова нови членови на Советот за безбедност се поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, експертот на европски интеграции и член на тимот на Радмила Шекеринска кога таа беше вицепремиер од 2002 до 2006, Малинка Ристевска-Јорданова, и Владо Спиридонов, професор по метеорологија на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Членови на Советот за безбедност по функција се Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, премиер, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и  Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.

Двајца од денеска именуваните членови на Советот за безбедност беа дел од две влади на Бранко Црвеновски, тогашен премиер од СДСМ.

Малинка Ристевска-Јорданова беше еден главните критичари на францускиот предлог во времето кога беше усвоен од Европскиот совет и кога го прифати македонското Собрание, тврдејќи дека тој е лош за државата и доби голема пропулзивност во медиумите кои беа против Преговарачката рамка.

Гордана Сиљановска-Давкова и Џевдет Хајредини заеднички беа дел од првата влада на Бранко Црвенковски од 1992 до 1994 година. Сиљановска како предлог на либералите беше министер без ресор, а Хајредини беше номиниран од ПДП. Хајредини е чест гостин во телевизиските програми и дебати давајќи анализи за економските случувања во земјата.