Силјановска го доби уверението од ДИК дека е избрана за претседател

Државната изборна комисија денеска издаде Уверение за избран претседател на Македонија, на Гордана Силјановска-Давкова, откако на седница ги објави конечните резултати од претседателски избори. Уверението ѝ го врачи претседателот на ДИК Александар Даштевски и во име на Комисијата посака успешен мандат.
Силјановска-Давкова освои 561.000 гласови, а нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски 251.899.
Државната изборна комисија на седницата утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, а гласале 861 218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47.47.
За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
По добивањето на Уверението Силјановска изјави дека досега не сме ја чуле формулацијата од ОБСЕ и ОДИХР да биде „фер и демократски“ и оти тоа е долгоочекуван израз.
„Ќе ја чуеме точната формулацијата од ОБСЕ и ОДИХР, ние за жал досега не сме чуле фер и демократски, а тоа е тој долгоочекуван израз, обично изборите биле добро спроведени и добро менаџирани и така натаму.
Седницата на Собранието за инаугурација на новата претседателка која ќе се одржи утре напладне.