Сиљановска-Давкова: Се уште не е постигнат консензус за гувернер, предлогот в понеделник

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова соопшти дека „во понеделник наутро“ ќе го поднесе предлогот за гувернер на Народната банка, ден пред закажаната седница на Собранието во вторник.
Се уште не е постигнат консензус за нејзината обврска да предложи кандидат за наследник на актуелната гувернерка Анета Ангеловска-Бежовска чиј мандат истекува на 21 мај.
Го добила писмото од Собранието на 16 април, како што рече, „само еден месец и тоа е кусо време“.
-Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат, рече Сиљановска-Давкова во интервју за ТВ Телма.
Таа реагираше и на начинот на кој некои медиуми ја пренеле изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со закажувањето на седницата во Собрание за избор на гувернер, нарекувајќи го „шокантна интерпретација“.
Во врска со политичките влијанија при избор на членови на разни тела, комисии и агенции, претседателката смета дека во нив често „не влегле луѓето кои најдобро одговараа“.
За Комисијата за избори и именувања во Собранието рече дека е „реликт од комунизмот, од кадровските комисии“ и дека тој став го имала и додека била пратеничка.
-Бидејќи секогаш во таа комисија седат најпартиските луѓе и чудно се договараат. Мојот предлог е дека нам ни треба за секој избор хетерогена комисија во која ќе седат и луѓе од струката, и засегнатите, и од експертската јавност и од невладиниот сектор и така ќе се решава. Мора ние еднаш да се соочиме со тоа дека за секој избор, каде што има улога Собранието, треба да се формира нова комисија која никогаш нема да биде само од пратеници и во која ќе има и јавно интервју, и си-ви итн., рече Сиљановска-Давкова.