Сиљановска-Давкова: Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Петтата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска, под нејзино покровителство, се одржува на далечина.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна суштинската вредност на македонскиот јазик како темел на македонскиот ентитет и идентитет, нагласувајќи ја неговата моќ да отвора нови хоризонти и да освојува нови универзуми. Таа упати искрени честитки за сета вложена енергија и посветеност во организацијата на зимската школа, која се одликува со богати програмски содржини и висококвалитетна настава, реализирана од реномирани предавачи и лектори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура“, истакна претседателката, изразувајќи задоволство што македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција и врвни резултати.