Силјановска-Давкова кандидат за претседател, ја доживува Македонија како преумна и храбра жена
Таа им порача на делегатите на конвенцијата „дека нема да ве засрамам“. Мицкоски изнесе своја визија од 10 точки каков треба да биде претседателот на државата
По неколкучасовна конвенција денеска ВМРО-ДПМНЕ ја избра пратеничката Гордана Силјановска-Давкова за кандидат за претседател, овозможувајќи ѝ втор обид да стигне до функцијата шеф на државата по неуспехот пред пет години. На конвенцијата во Македонската филхармонија, на која таа беше единствен кандидат, гласале 448 делегати, од нив 444 гласале за кандидатурата на Силјановска-Давкова. Од утре таа оди во брз поход да собере 10.000 потписи, иако веќе ја доби и поддршката од неопходните 30 пратеници.
Во своето обраќање пред делегатите на конвенција пред и погласањето, Силјановска-Давкова повеќе зборуваше во општи рамки отколку за одредени ставови во однос на иднината или сегашноста на Македонија, користејќи термини како „севернизација“ и коментирајќи дека недозволиво многу соседите се мешаат во нашите работи.
При тоа, таа погрешно рече дека „во сите класификации важиме за хибриден режим на граница за авторитарен“, иако последниот високорелевантен извештај на „Економист“ ја смести Македонија во групата „демократии со недостатоци“, какви што се речиси сите држави во поширокиот регион.
Заклучувајќи дека „светот, Европа, Западен Балкан живее во страшна криза на државништвото“, таа рече дека „една личност ме прогонува со умот и инспирацијата“, наведувајќи дека тоа е правникот Владимир Полежиноски, генералниот секретар на АСНОМ. Според неа, имало многу сличности меѓу француската декларација за слободита и правата на човекот и асномската декларација.
Силјановска-Давкова рече: „Македонија јас ја доживувам како една преумна, храбра, образована, културна жена. Затоа мислам дека овој пример овде треба да го следи претседателката, но никогаш да не заборави на стручноста и на компетентноста“.
Таа предочи дека размислува и за менување на некои од уставните надлежности на претседателот, па ако победи на изборите ќе состави „експертски тим на врвни професори по уставно право, не само одовде туку и од странство, по примерот на Франција, за да го проучи Уставот во однос на генерирањето на проблеми во уставниот поредок со кои се соочуваме“. Таа вели дека претседателот мора да добие пошироки надлежности и да може да го распушти парламентот, а во исто време да се отстрани прагот од 40 отсто за избор во вториот круг.
Таа ги обвини македонските „амбасадори и конзули“ дека се „понизни кон меѓународната заедница зашто го зборуваат тоа што тие понекогаш сакаат да го чујат наместо рамноправно да дискутираат и да бараат разбирање“. Силјановска-Давкова рече дека претседателот мора да се однесува натпартиски, а не партиски, „да ја претставува државата кон внатре, кон граѓаните и кон надвор, никогаш не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси, а не заради својата кариера, не заради својата слава“.
Таа речиси избегна да ги спомене ЕУ и НАТО во своето обраќање кое го заврши со зборовите: „ВМРО-ДПМНЕ, коалициските партнери овие четири години вредно работеа, докажаа дека се единствената можна европска алтернатива“.
А откако заврши гласањето таа при заблагодарувањето рече: „Јас ве уверувам дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите. Ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам“.
Зборуваше и претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, чиј говор беше подолг од обраќањето на Гордана Силјановска-Давкова. Тој ги повтори познатите работи што ги кажува последниве месеци, одново барајќи од гласачите 61 пратеник за „сигурно управување со институциите, за економски реформи и непоколебливо остварување на правдата“.
Мицкоски изјави дека реториката на овие избори за тоа дали ќе влеземе или не во ЕУ била „шарена лага“. „Да не се лажеме дека ова се избори за тоа дали ќе влеземе или нема да влеземе во Европската унија. Тоа е една голема шарена лага. Ова се избори за Македонија“, рече тој.
Наместо Гордана Силјановска-Давкова Христијан Мицкоски претстави визија во 10 точки како требало да изгледа новиот претседател преку „лидерство што носи промени“. Во петтата од тие точки, според Мицкоски, „претседателот на државата мора да се грижи и пожртвувано, посветено да се работи за заштита на македонскиот идентитет и посебноста на македонскиот народ и Македонците насекаде низ светот“. Тој не зборуваше дека Македонија е држава на сите нејзини граѓани, туку „Македонија за сите луѓе“, што е деветта точка од неговата визија.
Сакајќи да отфрли некои од зебелешките што ѝ се припишуваат на партијата, Мицкоски рече дека претседателот мора да ја промовира политиката дека „Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ, но и го нема комодитетот да експериментира со своите идентитетски основи“.
Од утре почнува и собирањето потписи за кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова, а СДСМ во недела на конгрес ќе го избере Стево Пендаровски за кандидат на партијата и коалицијата.