Сиљановска-Давкова и Ангелоски го врачија признанието „Македонски квалитет 2024“ на десет компании


Десет компании кои според строгите критериуми се квалификуваа и ги исполнија овие услови преку нивните преставници денес го добија престижното Признание „Македонски квалитет 2024″, кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори под покровителство на Претседателот на P.С. Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.

Свечениот настан се одржа во претседателската резиденција „Вила Водно“,а признанијата ги доделија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Сојуз на стопански комори Трајан Ангелоски.

Во согласност со строгите воспоставени критериуми, добитници на годинешните признанија за „Македонски квалитет 2024“ се компаниите: Македонски семејни винарии и Македонски дестилерии, Премиум Сејфти Солушн, Мај Принт,Серафимов Груп,Ларес Дооел Кавадарци, Капитал Ассет Менаџмент, Елена Лука Груп, Балетско студио Ребис, Глобал Нет, Сектор Филм.

„Ова признание е потврда дека одлуките кои овие бизнисмени и претприемачи ги носеле во годините наназад биле вистински,а нивниот ангажман и посветеноста се препознати и вреднувани. Овие позитивни примери се гордост и успех и се значајни, имајќи предвид дека тие функционираат и остваруваат раст во услови на навистина предизвикувачки економски амбиент. Овие претпријатија со своја специфична препознатливост во својот сектор, придонесоа и за повисок економски раст и промоција на нашата економија. Нашите македонските економски амбасадори треба да се мотив во 2025 година сите заедно да делуваме да се креира подобро деловно опкружување. Оваа година избраните компании кои се од различни области, се стремат кон општествена одговорност, технолошко унапредување и воведување на иновации во своите компании“, истакна Трајан Ангелоски претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.

„Продолжете да го движите македонското стопанство, борете се за највисоки стандарди и квалитет, со акцент на етиката, грижата за вработените и корпоративната одговорност. Силната и компетитивна економија е претпоставка за функционална држава, како и за развој на културата, уметноста, образованието, науката и спортот, таа е гаранција за општествениот просперитет. Во вас препознавам носители и промотори на македонската економска дипломатија и промотори на автентичниот македонски квалитет”-истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Избраните компании докажаа дека можат зацртаните и поставените цели да ги реализираат и со постојани вложувања во продуктивноста, подигнување на конкурентност, вложување во иновациите и технолошкиот развој, избраните компании се веќе препознатливи на пазарот. Оваа манифестација се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година.