Силјановска: Да победиме на изборите и да потсетиме предвреме да распишат парламентарни избори
Македонија ја замислувам како земја на здрава храна, како земја на развиен селски туризам, како земја на среќни граѓани, им порача вечерва кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова на предизборен собир во Македонски Брод, потенцирајќи дека најголем доказ за името на ова место е дека придавката македонски природно е врзана и неразделна од Македонија.
Во Македонски Брод го загатна прашањето за менувањето на Уставот, за кој, како што рече, велат дека тој се менува ретко и тоа со рака што трепери, но не од страв, туку од одговорност, зашто Уставот е најважната правна и политичка книга на една држава што значи и на Македонија.
– За 200 години Американците само 27 пати го смениле Уставот, а тој има само седум члена. Додека ние го сменивме Уставот 36 пати од 1991 година ама само двапати од внатре, еднаш заради притворот и вторпат заради правосудството. Сите други измени доаѓаа од надвор. На барање од надвор. Минатата година Уставот на Република Македонија се менуваше не заради граѓаните, не заради добрата функционална држава, не заради подобар економски, политички, правен живот, туку заради промена на името. И во Преамбулата, која е дел што му претходи на Уставот ама тоа не е неважен дел. Таму во нашата Преамбула пишува нешто што го слушаме или кога ја пееме химната. Се кажува за славното минато, за Илинден, за Крушевска Република, за Втората Светска војна, за целите што ни се најважни. Преамбулите во светот ретко се менуваат. Зошто? Зошто Преамбулата го отсликува од кога е донесен Уставот, од 1991 година, истакна Силјановска Давкова.
Таа додаде дека последнава Преамбула, како да се случила и како да е донесена во 1991, ама како во 1991 на референдумот да сме гласале за Северна Македонија, и како партизаните да се бореле за Северна Македонија, и како Илинденците да сонувале и да се бореле за првиот Илинден, односно за Северна Македонија. Ама, истакна, тоа не е така, и потсети дека граѓаните рекоа НЕ за промена на името и дека референдумот не успеа.
Таа, како што кажа, не гледа надеж дека во јуни ќе добиеме датум за преговори и тоа не затоа што се лоши кон нас, туку затоа што бараат стандарди да се исполнат како што се Копенхашките каритериуми, како владеење на право, економија, борба со корупција и криминал, борба со непотизам. Ама, како што рече, и затоа што ЕУ си има сериозни сопствени проблеми и се разбира дека секој, секогаш, секаде прво треба да се води од сопствените интереси, така и ние националните интереси, а потоа да се согласуваме и да потпишуваме. Национален интерес не се гради меѓу двајца, меѓу тројца, туку со консензус, со опозиција, со претседател на држава. А, најмногу со народот, рече Силјановска.
Според неа, сликата на државата не е блескава, не е европска.
-Треба да победиме на изборите за уште веднаш да ги делигитимираме. И да ги испратиме на незаслужен одмор, зошто ништо не сработиле, освен што го сменија името. И да ги потсетиме дека треба предвреме да ги распишат парламентарните избори. Само така програмата, само така идеите европски, само така посветеноста и знаењето ќе можеме од сите да ги впрегнеме, од најумните, нагласи Силјановска Давкова.
Присутните ги поздрави и лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој порача дека на 21 април победува оваа жена, а потоа победуваме заедно на предвремени парламентарни избори.
– Заедно со вас и заедно со идната дама на 21 април да победиме. Одиме до крај заедно. Ние сме мотивирани и храброста не ни недостасува, рече Мицковски, додавајќи дека победата на претседателските избори е прв чекор, вториот е веднаш потоа победа на парламентарните избори и потоа следува третиот чекор а тоа е нова влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.