Сиљановска до Бегај: Жителите на Пустец да се прашаат дали сакаат мигрантски кампови на нивната територија
Сиљановска рече дека не коментира идеи како таа за членство во ЕУ без право на глас и дека за тоа треба да биде косултирана и македонската влада
Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и членките на ЕУ треба да ја превенираат, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференцијата со албанскиот колега Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Претседателката Сиљановска-Давкова повтори дека сме цврсто определни за влез во ЕУ и истакна дека во чекорењето на Црна Гора и на Албанија на патот кон ЕУ гледа европски чекори и за целиот Западен Балкан.
„До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхашките критериуми, туку за нашата европеизација“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Таа притоа истакна дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека земјите членки на ЕУ сериозно треба да се однесуваат, да ја превенираат.
„Ставањето на идентитетските и на историските прашања на агендата само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите што природно припаѓаат кон ЕУ“, рече таа.
Околу најавите за можно членство во ЕУ без право на глас Сиљановска рече дека го слушнала тоа од известувачот Томас Вајц вчера, но има и меморија и дека повеќепати досега слушнала за вакви моментуми за влез во Унијата. Таа рече дека не може да коментира идеи, а сегашната состојба е дека според актите на ЕУ земјите членки имаат и статус и право на вето. Таа сметаше дека по сѐ што направивме на тој пат заслужуваме и нас да нѐ прашаат за модалитетите за прием во ЕУ, бидејќи вака не е сериозно. Па, повторно кажа дека сме рекордери по уставни измени и дека ни се неопходни гаранции дека нема да има нови такви барања надвор од Копенхашките критериуми.
Македонската претседателка оцени дека односите меѓу нашата земја и Албанија се одлични и пријателски, немаме отворени прашања и имаме основа за продлабочување на соработката во сите области.
„Денешната средба за мене е поттик за поинтензивна билатерална соработка и таа е уште еден влог во продлабочувањето на пријателството и на заемната поддршка“, рече претседателката.
Албанскиот претседател Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката. Блискоста е секојдневна, додаде тој, преку студентите, бизнисите, претприемачите, трговската размена, туристите… Коридорот 8, како што кажа, е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина.
Бегај исто така зборуваше и за клучната улога на Албанците во Македонија посочувајќи, меѓу другото, исто така и на почитувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, но и на почитување на правата на Македонците во Албанија. Според него, Албанија ги цени историските постигнувања со Охридскиот договор и напорите за неговата имплементација, но инсистираше на целосна правична застапениост и употреба на јазикот кои, според него, не се технички прашања туку суштински елемент на социјалната кохезија во државата.
Наспроти тоа, македонските новинари го отворија прашањето за најавената изградба на камп за мигранти во Пустец, територија каде живее македонското малцинство, на што Беглај одговори дека не треба да се сомневаме дека изјавата што ја даде е вистинита – односно дека Македонија и Албанија имаат добри односи како соседи и како сојузници во НАТО и преку евроинтеграцијата.

„Ние ги третираме малцинствата со посебен закон и им се заштитени сите права што им следуваат со него“, рече Бегај, додавајќи дека тоа што ќе се гради таму камп за мигранти не значи неоходно и дека ќе бидат сместувани. Според него, кампот е дел од договорот со ФРОНТЕКС за обезбедување на капацитети при евентуален мигрантски наплив, но дека Албанија прави сѐ да спречи доаѓање на илегални мигранти во земјата.
Македонската претседателка, пак, порача дека за ова албанските власти треба да ги прашаат и жителите на Пустец, а за исходот да ја информираат и македонската влада.
На прашањето на албански новинари зошто немал заедничка средба со сите албански партии за да помогне да се обединат, Бегај рече албанскиот фактор има важно место во Македонија, дека Албанците тука се државотворен народ, дека активно придонесуваат за стабилноста и се обединети околу евроинтеграцијата и Охридскиот договор. Околу забелешката дека и во извештајот на Вајц се споменувала дискриминација и јазична нерамноправност (?) на Албанците Бегај рече дека не слушнал за тоа, но дека доколку сакаме да размислуваме за сегашноста и за иднината, а зборуваме за минатото, ќе немаме време да работиме на подобрување на животот тука. Па, порача дека Балканот секогаш произведувал бучава, а треба да биде тивок и спокоен за да оди напред. (С.Ј.)