Силјановска била трогната од пресудата за Јане Ченто, ќе ги помилува сите за 27 април

За претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ упадот во Собранието бил „Случајот 27 април“


Гордана Силјановска-Давкова на митингот во Струга

 

Зборувајќи вечерва пред граѓаните на Струга претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова рече дека ги истражувала случаите од упадот во Собранието на 27 април и заклучила дека никој од нив не посегнал по сила. Нејзе многу ја трогнала пресудата за Јане Ченто и затоа ќе го помилува и него и сите други. Таа го нарече упадот во Собранието „Случајот 27 април“.

„Мора претседателот некогаш да се одважи во една кочница во однос на судот. Јас тоа ќе го направам за случајот ‘27 април’.  Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Ги истражив случаите, таму никој не посегнал по сила, тие кои посегнаа по сила се надвор на слобода. Дали е тоа правда? Замислете да бидете обвинети за организирање терористички закани и рушење на уставниот поредок на Македонија. Ја измислија таа закана, сите знаеме зошто. Може ли и да има почит за држава во која обвинетите добија над 200 години казни. Тогаш ние сме најтерористичката држава во Европа. Не можете да биде горди на такви судии, обвинители, таква правда“, рече Силјановска-Давкова.

Според неа, „со судство кое е зависно, судии кои се во длабока спрега со партиски и олигарски групи и не судат според законите. Со администрација која е преполнета со партиски послушници и партиски војници не можете да градите правна држава“, рече таа.