Сиљановска беше во „Прохор Пчињски“, се сретна со Вучиќ


 

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска од Пелинце замина во манастирот „Св. Прохор Пчински“, Србија, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.

Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ Сиљановска-Давкова беше пречекана од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на митрополитот врањски г. Пахомие, го разгледаа манастирскиот комплекс.

Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ остварија билатерална средба на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји, се вели во соопштението од нејзниот кабинет.

Во изјава за медиумите Сиљановска се заблагодари за гостопримството, истакнувајќи го историското значење на манастирот „Св. Прохор Пчински“ и АСНОМ, и оцени дека билатералните односи меѓу двете држави се добрососедски во вистинска смисла на зборот, односи зад кои стои желба за солидарност, за помош и за трајна соработка.

„Благодарност за разбирањето, бидејќи навистина логично е да го славите денот онаму кадешто се случил. Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, рече претседателката Сиљановска-Давкова, која се заблагодари и за помошта од Србија во гаснењето на пожарите.