Силјановска бараше кривично да се гонат потписниците од Преспа, а сега зборува за НАТО, изјави Пендаровски
Стево Пендаровски вечерва за време на собирот во Велес рече дека некои од политичките противници порано зборуваа против Преспанскиот договор, а сега се гордеат што сме членка на НАТО, благодарение на тој договор.
„Делумно е манипулација на нашите граѓани и потценување на нивната интелегенција, а делумно е зошто не знаат што зборуваат сега, што зборувале порано и што напишале во програмата. Пред четири години госпоѓата (Силјановска-Давкова) има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Епа, госпоѓо, без Преспа нема НАТО”, одговори Пендаровски.
Тој додаде дека Силјановска-Давкова исто така изјави дека според НАТО стандарди ќе бирала и
врховен командат.
„Во Уставот, за кој таа се фали дека е стручна, пишува дека врховен командат е
претседателот, а според највисоки НАТО стандарди се бира началникот на Генералштаб“, рече
Пендаровски.
Во однос на обвинувањата од носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 3, Драган Ковачки, Пендаровски рече дека не може да му се верува на некој што со судска пресуда е лажго.
„Многу е тешко да му одговориш на човек кој со судска пресуда неодамна е обвинет дека е лажго. Лажеше за една хациенда на министерката за одбрана. Судот, не јас или вие, рече дека лаже и јас не видов дека после таква судска пресуда се извини. Меѓутоа знаете што е разликата меѓу нив и нас – нивните први луѓе на Мицкоски, не само на Силјановска, лично мене ме навредуваат. Ме нарекуваат измеќар, слуга нечиј, ме нарекоа дури и инфантилен. И да се вратам на господинот Ковачки – колку вреди зборот на еден некогаш висок чин во војската кој побара НАТО безбедносен сертификат и беше одбиен. Знаете кого одбиваат за НАТО сертификат? Само оние кои работат против интересите на Македонија“, одговори Пендаровски