„Силјан“ на Котевска се закити со најпрестижните ИДА награди во Лос Анџелес


Документарниот филм „Приказната за Силјан“  (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска, македонскиот кандидат за Оскар, освои награда за најдобар документарен филм и за најдобра камера на 41. издание на IDA Documentary Awards во Лос Анџелес, 

Како што соопшти тимот, режисерката Котевска изјави дека овој е нејзин „најличен филм досега“ и дека успехот го посветува „на сите документарни воини ширум светот.“ 

Наградата за најдобра камера ја доби кинематограферот Жан Дакар која,  како што се наведува во соопштението, „несомнено придонесува за целокупниот артистичен израз на филмот“.

-IDA признанијата важат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и се сметаат за еден од најсилните индикатори за успех во оскаровската трка. Добитниците многу често се наоѓаат меѓу номинираните, но и меѓу добитниците на Оскарите. Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува во претстојната оскаровска сезона. Потесниот избор за Оскарите (short listed) ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации на 22 јануари 2026 година, соопшти тимот.

„Силјан“ по својата американска премиера беше опишан како еден од највлијателните и најемотивните документарни филмови на 2025 година. 

Македонскиот кандидат „Силјан“ веќе го обезбеди интересот на еден од најреномираните светски дистрибутери, National Geographic Documentary Films, кој во септември го откупи филмот. Американската кинопремиера се одржа на 28 ноември во IFC Center во Њујорк. Филмот официјално ја претставува Северна Македонија во категоријата Најдобар странски филм за Оскарите 2026. Номинациите за Оскар ќе бидат објавени на 22 јануари, а свеченоста е закажана за 15 март.