Силен ветер одложи и пренасочи неколку летови на скопскиот аеродром
Силниот ветер и лошите временски услови синоќа повторно го нарушија авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје, што доведе до одложување и пренасочување на неколку летови.
Според првичните информации, најмалку два авиолета – од Истанбул и од Венеција – не успеале безбедно да се приближат до пистата и биле пренасочени кон аеродромот во Приштина. Летот од Франкфурт, по околу еден час кружење над Скопје, сепак успеал да слета.
Особено драматична била ситуацијата со авионот од Венеција, кој повеќе од еден час кружел над скопскиот регион пред екипажот да донесе одлука за пренасочување.
Според утринските податоци, авиосообраќајот на скопскиот аеродром е стабилизиран и се одвива вообичаено.