Си го убил братот и го закопал во семејниот двор во Кавадарци

Истрагата започнала откако нивната сестра В.О.(44) вчера во кавадаречката полиција го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И, кој живеел сам


Фото: Б. Грданоски

С.И.(43) од Кавадарци доби кривична пријава од Основното јавно обвинителство поради сомнееж дека во семејниот дом со метален предмет го убил својот брат И.И.(42). Откако го извршил убиството, телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.

Истрагата започнала откако нивната сестра В.О.(44) вчера во кавадаречката полиција го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И, кој живеел сам, откако претходно неколку дена се обидувала да го најде. Истиот ден, сестрата и нејзиниот сопруг, во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, забележале ископ покриен со ровка земја и се посомневале дека нејзиниот исчезнат брат е закопан внатре.

По пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И.. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Во меѓувреме, полицијата го лишила од слобода С.И., кој го признал делото.

Тој убиството го извршил по вербална расправија во дневната соба во домот на оштетениот, потоа ја избришал крвта од подот и предметите, а телото го пренел во помошна просторија во дворот на куќата, каде го закопал и го покрил со шперплоча и други предмети.

Поради опасноста од бегство, но и за да се спречи уништување на трагите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.