Шварценегер приведен на аеродром поради часовникот кој подоцна го продал за 270 илјади евра
Холивудскиот актер Арнолд Шварценегер бил непријатно изненаден кога на аеродромот во Минхен му пришле цариници и побарале да објасни каде го нашол скапиот часовник во багажот. Поранешниот гувернер на Калифорнија има двојно австриско и американско државјанство, тој се најде во Минхен поради трансфер од лет од Лос Анџелес, а дестинација му беше австрискиот ски-центар Кицбил. Таму тој отиде на хуманитарен настан на неговото здружение „Иницијатива за климата на Шварценегер“, кое се бори против климатските промени. На хуманитарна аукција актерот сакал да го продаде спорниот часовник на швајцарскиот луксузен бренд Audemars Piguet, кој им „паднал во око“ на цариниците.
Тој е задржан на аеродромот додека не се расчисти проблемот. Ситуацијата со часовникот се искомплицирала бидејќи не го регистрирал. Изгледа со себе не ја понел документацијата за да докаже дека часовникот е негов и дека, на пример, нема намера да го прошверцува од САД во Европската унија.
Акциската ѕвезда и климатски активист е познат по љубовта кон вредните часовници, а воедно е и амбасадор на часовниците Piguet, а швајцарскиот бренд го лансираше во негова чест, меѓу другото, моделот „Royal Oak Offshore Arnold Schwarzenegger The Legacy“ во вредност од околу 30.000 фунти, направени во ограничена количина од 1500 парчиња, пишува Дејли Мејл.
Без разлика на сето тоа и кој е Арнолд, законот е јасен и важи за сите. Портпаролот на царинската испостава во Минхен, Томас Мајстер, за германски Билд изјави: „Покренавме кривична постапка според даночниот закон. Часовникот требаше да биде пријавен бидејќи е увозен. Ако стоката влезе во ЕУ, треба да ја пријавите на царина.Тоа важи за сите, Шварценегер или друго“, изјави портпаролот на царината.
Како што пишува германски Билд, Арнолд морал да плати 35.000 евра царина, односно дел од тоа била казна од 5.000 евра за непријавување на скапиот часовник. Откако ја платил казната, тој го продолжил патувањето за Австрија.
На аукцијата, часовникот е продаден за 270 илјади евра.