Штраус и Глас со виолинистот Даниел Роуланд и „Фејмс“ беше чудо од концерт

Публиката уживаше во бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува


Скопје, синоќа, во малата сала на Филхармонија, ќе го памети концертот „Од студио до сцена“, под уметничко водство на реномираниот холандско-британски виолинист Даниел Роуланд и оркестарот на Институтот „Фејмс“ кој обединува студенти од цела Европа.

На јазикот на емоциите и виртуозниот звук, кој обединуваше дела кои истражуваат теми на загуба, трансформација, внатрешен немир и надеж, со тешка програма , концептуално поврзана и драматуршки внимателно осмислена, беше ноќ за паметење, со маестрална изведба, нескротлива енергија, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба. Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност.

 „The American Four Seasons“ од Филип Глас, современо дело кое нуди нов поглед кон идејата за сезоните и времето, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, интензивна и емотивна композиција посветена на сеќавањето и човечката болка, како и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус, едно од најдлабоките оркестарски размислувања за промена и историска траума, синоќа, барааа длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што ја прави оваа програма исклучително значајна и за публиката и за изведувачите.

– „Оваа програма им овозможува на младите музичари да го разберат целиот пат на едно дело – од првата нота снимена во студио до моментот кога таа музика зазвучува пред публика. Делата што ги избравме бараат длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што го прави овој процес исклучително значаен за нивниот професионален развој“, истакна пред концертот Насју Мапа, основачка на Институтот FAME’S.

Програмата со дела, ретко или никогаш не изведувани кај нас, нам ни звучеа како бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува и не знам дали пак ќе го доживее. Синоќа беше исклучителна прилика и за нашите и европските млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес, кој воедно беше и диригент.

Даниел Роуланд е еден од најистакнатите европски виолинисти и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Неговата работа се одликува со длабок интерес за современиот репертоар, оркестарската интерпретација и едукативните формати кои ја поврзуваат студиската и сценската практика. Неговиот препознатлив звук и музичка искреност му носат пофалби од водечките светски медиуми, кои го опишуваат како виолинист „кој звучи како никој друг“ (Gramophone) и уметник со „рафинирана финеса и моќна емоционалност“ (The Guardian). Неговата работа се одликува со силна поврзаност меѓу техничката прецизност и уметничката слобода – вредности кои се во сржта на едукативниот пристап на FAME’S.

Институтот „Фејмс“ веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво, поддржан од европски фондови. Младите музичари се бираат по пат на аудиција четири пати во годината и таленти од триесетина земји се во Скопје, заедно со млади музичари од Македонија кои се членови на оркестарот.

Л. Сабит