Во јуни ќе се знае дали Охрид и охридскиот регион ќе бидат ставени на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.
Извештајот за Охридскиот Регион пратен во УНЕСКО
Што за Охрид ќе значи тој статус, објаснуваат од ОхридСОС:
„Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.
Според Оперативните насоки за спроведување на Конвенцијата за светско наследство на УНЕСКО, Листата на светско наследство во опасност е предвидена како инструмент кој се активира кога доброто е под закана од уништување на неговата исклучителна универзална вредност.
Во параграфите 179 (за културно наследство) и 180 (за природно наследство) од Оперативните насоки се уредени критериумите според кои едно добро може да се премести на Листата на светско наследство во опасност – во случаи на потенцијална и на потврдена опасност.
УНЕСКО Регионот во Македонија како последица од лошо, неодговорно и корумпирано управување веќе 3 децении континуирано се деградира! Иако бил меѓу првите добра впишани на УНЕСКО листата, денес се наоѓа на исто рамниште со добра во завојувани подрачја. Да ни го правеше ова друга земја, ќе го сметавме за воена провокација, но терористите во нашиот случај се домашни, седат во институциите и одлучуваат во наше име. Нема поголемо предавство од уништувањето на природните богатства во сопствената земја и нивно распродавање за никакви пари!
Иако да се потчинува јавниот на личниот интерес е кривично дело, во Македонија „правото владее“ на македонски начин. Исто како што се гради по „највисоки еколошки стандарди“.
УНЕСКО Регионот е уништен, изгазен, парчосан. Неопходен му е третман соодветен на состојбата!
Активирањето на инструментот Листа на светско наследство во опасност ќе ја алармира меѓународната заедница за опасноста со која се соочува Регионот; ќе овозможи помош од интернационални експерти, од финансиски средства, но што е најважно, поблиско и поангажирано следење на процесите во Македонија од страна на меѓународната заедница преку изработување на Програма за итни корективни мерки. Очекуваме со овој механизам конечно да се зауздаат штетните проекти кои се промовираат како одржлив развој.
Грижата за заштитата и унапредувањето на УНЕСКО добрата се исклучива обврска на управувачите со доброто (владата, министерствата, општините) и нема да има никакво мешање во суверенитетот на државата што се смета за светост – но, ќе има начин да се обезбеди нужната помош и поддршка на една земја во која не само склоноста кон (само)уништување, туку и несвесноста за значењето на овој предел и некадарноста, се едни од најголемите проблеми во управувањето со природните богатства.
Самото впишување на Листата на светско наследство во опасност не значи и автоматски нареден чекор бришење на регионот од листата на УНЕСКО подрачја. Напротив, преместувањето на Листата на наследство во опасност е единствениот исправен и логичен одговор на очајната состојба во која Регионот се наоѓа моментално. Негова – а и наша, како заедница – последна сламка за спас. Последна шанса за излез од тињата во која се давиме овие 3 децении. Од тука натаму или ќе биде подобро или нема да биде никако!
Одговорноста е исклучиво на институциите, но моќта е во секој од нас да притискаме процесите да се одвиваат во рамки на законите, а законите да не се уназадуваат поради нечиј личен интерес и да се спроведуваат непристрасно.
Секој од нас одделно нема којзнае колкаво влијание, но сплотени заедно со единствена цел обезбедување одговорност од институциите – сме незапирливи!
Затоа, придружете ни се во борбата Охридскиот Регион да биде третиран согласно со неговата непроценлива вредност, да ги зачуваме културното наследство, милениумската бистрина на Охридско Езеро!
Дан напишал „ниеден човек не е остров сам за себе, сите сме дел од истиот континент“, а ние би додале – сите имаме само еден дом. Да дадеме сѐ од себе за да го заштитиме
