Што содржи „европскиот модел за решавање на спорот со Бугарија“ што го предложи Милошоски?
Според Милошоски, Бугарија е второстепен актер во спорот. Првостепени биле Франција, Германија, Холандија, Данска и други земји
По притисоците од САД да кажат што ќе прават ВМРО-ДПМНЕ за да продолжат преговорите на Македонија со ЕУ, пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, најави вчера дека како решение за блокадата од Бугарија неговата партија ќе понуди „европски модел, по примерот на Словенија и Хрватска“.
Според она што го изјави денес Милошоски за „Независен“ идејата не е решение да се бара преку меѓународна арбитража, како што се обиде еднаш Македонија покренувајќи спор за прекршување на Времената спогодба од страна на Грција во која стоеше обврската – да не ја блокира Македонија. Пресудата беше добиена, но реално никој не ја испочитува.
„Не е идејата да одиме на меѓународна арбитража. Бугарија е второстепен актер во спорот. Првостепени се Франција, Германија, Холандија, Данска и други земји од кои ќе побараме да ни дадат предлог календар кога се подготвени за нова членка на ЕУ. Бидејќи сега ќе ги почнеш преговорите за членство, а не знаеш кога ќе ги завршиш“, го објасни Милошоски предлогот.
Споменувајќи дека во една од последните изјави францускиот претседател Емануел Макрон ја спомнал 2035 година како датум за проширување, тој предлага решението на спорот да се поврзи со моментот на прием во ЕУ, а не како сега – да биде услов за да продолжат преговорите.
„Треба да се помести решавањето на спорот со моментот на ратификување на приемот на Македонија во ЕУ, како во хрватско-словенечкиот случај“, порачува Милошоски.
Тој смета дека сегашното решение, испреговарано од министерот Бујар Османи е резултат на интересот на ДУИ побрзо да се отвори Уставот (за да се протнат и други измени). Негова проценка е дека со вакво решение и Бугарија ќе биде мотивирана да престане да нѐ блокира, а наедно и ќе се види дали навистина го поддржува членството на Македонија во ЕУ или друга и е целта.
„Зарем тоа е иднината која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ? Со помош на ЕУ, со помош на САД, тогаш ќе се обидеме со нешто ново и нова преговарачка рамка. Дали сметате дека до оваа рамка се стигна без ЕУ и САД? Знаете дека не е така“, му реплицираше вчера пратеничката Снежана Калеска -Ванчева на Милошоски, споменувајќи ја и изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ако е потребно – и 100 години ќе чекаме за влез во ЕУ.
Инаку, спорот меѓу Хрватска и Словенија еруптираше во 2001 година и формално не е решен бидејќи Хрватска не ја призна одлука на Меѓународниот суд во Хаг кој ја утврди границата меѓу спорните територии, вклучувајќи го и Пиранскиот залив. Двете земји по многу политички тензии и обвинувања во 2009 година се договорија Словенија да ја крене блокадата за членството на Хрватска, а Хрватска да не прејудицира каде е границата и да се обврзе решението да се бара на меѓународна арбитража. Во 2015 година, откако стана членка, Хрватска се повлече еднострано од арбитражата, обвинувајќи за Словенија за влијание врз Судот, но одлуката што Хаг ја донесе во 2017 година ја прифатија земјите членки на ЕУ со барање да се почитува. Словенија почна да ја применува, а Хрватска ја отфрли, додека Европскиот суд на правдата се прогласи ненадлежен да ја спроведува и ги упати двете земји да си го решаваат спорот билатерално. Иако формално заеднички договор нема, спорот реално не се споменува меѓу двете земји.
Слабост на ваквиот предлог на Милошоски е дека подразбира нови преговори за спорот без гаранции дека ќе донесат подобро решение, ново губење време и ново барање од влијателните земји да се инволвираат, откако порачаа дека нема да има друга преговарачка рамка за Македонија. Најголема слабост на предлогот сепак е претпоставката дека Бугарија ќе се согласи на тоа и ќе биде рационална, откако таков предлог веќе се вртеше во Брисел и не помина.
„Ако една (грчка) амбасадорка не можат да убедат од ДПМНЕ (да прифати продолжување на рокот на пасошите), како ќе убедат 27 земји членки на ЕУ да се смени преговарачка рамка? Секако, никако“, рече на прес-конференција денес портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски. Тој нагласи дека со тоа се потврдило она што го говореле, дека „ДПМНЕ едно зборува пред да влезе во Влада а потоа друго“.
„ДПМНЕ не може да направи ништо. Само ги лаже граѓаните“, порача Каевски. (С.Ј.)