Што содржи Членот 6 на ОН што може да ѝ се удри од глава на Русија?

Ниту една земја членка не е исфрлена од Обединетите нации од нивното основање во 1945 година, но се создава атмосфера дека вреди тоа да се проба


 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, правдајќи ја вчера одлуката да ѝ сврти грб на Русија на гласањето во Генералното собрание во ОН и практично да ја осуди руската инвазија на Украина, рече дека преку ноќ се сменила геополитичката ситуација и дека практично најсилниот нивни поддржувач околу Косово – може да биде исфрлен од Обединетите нации. Иако Украина најавува иницијатива за исфрлање на Русија од Советот за безбедност, изгледа дека пореална процедура да се постигне тоа е да се оди, според Вучиќ, со примена на Членот 6 на Повелбата на Обединетите нации и преку Генералното собрание.

Што, всушност, предвидува Членот 6?

Во него стои дека „земја членка на Обединетите нации, која упорно ги прекршува принципите содржани во оваа Повелба, може да биде исфрлена од Организацијата од страна на Генералното собрание по препорака на Советот за безбедност“.

Фактот дека вчера првпат 40 години Советот за безбедност упати расправа за криза до Генералното собрание на ОН и дека ова е  11-ти пат да се свика итна седница на ова тело од 1950 година сугерира дека истата процедура може да се искористи и за расправа за Членот 6 на Повелбата со која Русија би се нашла надвор од ОН, а со тоа и надвор од Советот за безбедност, дотолку повеќе што Русија во ова тело влезе како наследничка на СССР, а не автентично.

Расправата вчера беше иницирана според резолуцијата „обединување за мир“, во која глобалните закани се упатуваат на телото „ако Советот за безбедност, поради недостаток на едногласност на постојаните членки, не ја искористи својата примарна одговорност да дејствува како што се бара за одржување на меѓународната мир и безбедност“.

Кина е единствената земја членка на ОН која може да се обиде да го спречи ова, но вчера таа остана воздржана околу агресијата во Украина. Со оглед на тоа дека ОН беа создадени како одговор на Втората светска војна за да се спречи конфликтите да се решаваат со оружје место дијалог, руската инвазија која го соочува светот со Трета светска војна е доволна причина – да се најде надвор од неа.

Експертите за меѓународни односи сметаат дека, и покрај гневот и фрустрацијата, не е возможно да се протера Русија – ниту би било паметно да се затвори каналот за комуникација во време на висока тензија.

„ОН се политичко тело. Тоа не е црква. На крајот на краиштата, ОН се таму како место каде државите можат да разговараат меѓу себе во краен случај“, смета Ричард Гован, директор во Меѓународната кризна група. Говен рече дека протерувањето на Русија би било „ефективно невозможно“ и додаде дека тоа може да биде дури и контрапродуктивно.

„Загрижен сум дека ако ја исфрлите Русија, ако можете да најдете начин да ја исфрлите Русија, едноставно имате Русија надвор што се обидува да ги поткопа дури и овие минимални форми на соработка“, рече тој.

Но, фактот дека Русија сега е исфрлена од целиот светски монетарен систем исто така изгледаше невозможно до неодамна и е штетно за сите, па сепак се  случи. Факт е исто така дека со Русија внатре, сите меѓународни организации, како Советот за Европа, ОБСЕ и ОН,  морално и политички крахираа, поточно станаа комплетно импотентни и нерелевантни.

Според експертите, сепак  постојат чекори што Обединетите нации можат да ги преземат за да ја осудат Русија, вклучително и исфрлање од Советот за човекови права на ОН или одбивање да се признае владата инсталирана од Русија во Украина.

„Путин јасно ја покажа својата немилосрдност и целосно непочитување на човештвото и нашите меѓународни норми, а идејата дека тој и неговите другари треба да гласаат во Советот за безбедност на ОН е апсолутна срамота“, рече сенаторката Џони Ернст од Ајова, која работи на резолуција со такво барање со колегите од Републиканската партија.

Процесот на отстранување на една земја од Советот за безбедност започнува со препорака да се направи тоа од самиот Совет, која потоа мора да биде одобрена од две третини од Генералното собрание. Се очекува Русија да гласа против нејзиното протерување, но дури и да не го направи тоа, Кина најверојатно ќе спречи исфрлање на Москва. Ниту една земја не е исфрлена од Обединетите нации од нивното основање во 1945 година. 

Вчера Генералното собрание донесе резолуција со која се осудува руската инвазија на Украина.

„Генералното собрание на ОН не е многу моќно тело“, но „има авторитет над сопствените процедури и над телата што ги создава“, рече еден експерт. „Фактот дека никој не сака многу да ја суспендира или да води напори за суспендирање на Русија од Советот за човекови права со оглед на кршењето на човековите права во актуелниот конфликт е многу разочарувачки“, смета тој. „Прилично е морално  да се направи тоа. Тоа исто така би испратило еден вид јасен политички сигнал што би било добро“, додаде тој.

Дипломатите би можеле да гласаат и за суспендирање на руските претставници од учеството на Генералното собрание, чекор за кој не е потребен Советот за безбедност. Овој потег, кој ќе ѝ го одземе правото на Русија да зборува или да гласа во ОН, но ќе го задржи членството, претходно се случи во 1974 година, кога дипломатите гласаа за суспендирање на Јужна Африка поради нејзиниот систем на апартхејд.

Аргументот на украинските власти, исто така, е дека официјалните лица во ОН не го следеле соодветниот процес или документација за да ѝ дозволат на Русија да го преземе седиштето на Советскиот Сојуз во Советот за безбедност, така што нејзината улога во Советот не е легитимна. Но, Русија е членка на Советот од 1990-тите, признаена од Украина и секоја друга земја.

„Мислам дека Украинците имаат поента дека нема ништо на хартија, но по три децении признавање на Русите на оваа фотелја, мислам дека е прилично тешко да се тврди дека тоа не била свесна одлука“, рече еден експерт.

Сепак, Даниел Баер, вршител на должноста директор на Програмата за Европа во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, тврди дека вреди да се нагласи лошото однесување на Русија, дури и ако не заврши со протерување на Москва.

„Тоа е начин да се даде изјава дека нивното сегашно однесување е целосно непристојно за членка на Советот за безбедност“, рече Баер. „Треба да ја најдеме секоја можност да го насочиме вниманието на фактот дека тие дејствуваат на начин што е целосно неконзистентен со нивната обврска како голема сила и против Повелбата на ОН“.