Што се случува во ССК? Раскол во раководството, (не)легитимно собрание…


Сојузот на стопански комори, втората по големина асоцијација на стопанствениците во земјава минува низ сериозни превирања, за што сведочат и соопштенијата што вчера беа лиферувани до медиумите, во едното за одржано вонредно собрание, а во другото дека всушност станува збор за фалсификат, злоупотреба и незаконско дејствување. Овие актуелни превирања се продолжение на состојбите кои постојат подолг период, а ескалираа со прекршочната казна која кон ССК ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата за картелско здружување и јавните реакции за кои зборуваа во медиумите дел од потпретседателите на ССК.

Што всушност се случуваше вчера? 

Прво, до медиумите беше лиферувано соопштение – известување за одржано вонредно Собрание на ССК, потпишано од Сузана Јаневска, Извршен директор на комората, во кое се наведува дека на собранието биле констатирани „груби прекршувања на Статутот, изнесување на лични ставови, донесување на индивидуални одлуки штетни по угледот и репутацијата на ССКМ, груб упад во дата базите и податоците на ССКМ и злоупотреба на социјалните медиуми за работењето на ССКМ и нејзините членки во изминатиот период од страна на претседателот Трајан Ангелоски и лица во неговото најблиско опкружување“.

Во соопштението, меѓу другото се вели и дека по барање од десет членки на УО на ССК вчера било одржано Вонредно собрание со присуство од голем број на членки од седум комори и една групација. Вонредното собрание на ССКМ поради заклучените простории на ССКМ од страна на досегашниот преседател Трајан Ангелоски, се одржа на кровната панорамска тераса.

Се посочува и дека Собранието се одржало во присуство на извршниот директор на ССКМ, овластен адвокат кој беше избран за претседавач на Собранието, и записничар нотар за верификација на неговата веродостојност и валидност. Избраната верификациона комисија ја констатира легитимноста и бројноста на Собранието на ССКМ, со што истото продолжи со неговата работа.

„Покрај другите одлуки, значајна одлука на вонредното Собрание на ССКМ е дека на досегашниот преседател Трајан Ангелоски му прекинуваат сите овластувања за претставување на ССКM во земјата и странство како и учество во сите тела назначени од ССКМ во изминатиот и следниот период се до свикување на ново Собрание на кое ќе се избере легитимен претседател и Управен одбор на ССКМ“, се вели во дописот до медиумите, шри што се додава дека вонредното Собрание на ССКМ е закажано да се одржи на 30.07.2025 година и на истото да се избере легитимен преседател кој ќе ги застапува интересите на членките на ССКМ и на бизнис заедницата и ќе помогне во градење на државни политики проникнати од идеите и предлозите на македонскиот бизнис сектор.

Трајан Ангелоски

Од страна на ова крило во ССК се вели и дека поради упад кој го направил Трајан Ангелоски (претседателот на комората, заб.) во серверскиот систем и личните податоци на членките на ССКМ и неможноста за користење на службените емаил-ови на ССКМ, сите соопштенија кои ќе бидат пратени од официјалните емаил адреси на ССКМ се невалидни и неважечи.

На ова соопштение, веднаш реагираше и оспорениот претседател на ССК, Трајан Ангелоски, кој во соопштение до медиумите вели дека станува збор за фалсификат, злоупотреба и незаконско дејствување и дека Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на ССК.

„Сојузот на стопански комори на Македонија остро ја осудува злоупотребата на службената положба и фалсификувањето на службена документација од страна на извршниот директор Сузана Јаневска, која на 07.07.2025 година е суспендирана од функцијата и нема никакви овластувања да ја претставува институцијата“, се вели во соопштението потпишано Ангелоски.

Притоа, се додава дека Јаневска, користејќи приватна Yahoo адреса, испратила „лажно соопштение до медиумите во кое тврди дека е одржано вонредно Собрание на ССКМ“.

„Истакнуваме дека тоа не е официјална комуникација на ССКМ и е правно ништовна; Собрание на 09.07.2025 не било закажано, ниту одржано по деловнички или статутарни процедури; Фалсификуваната покана и обидот за лажно собрание се резултат на грубо прекршување на член 4.2.8 од Договорот за основање на ССКМ; постапката претставува класичен пример на институционална измама и дејствување без мандат“, се наведува во соопштението.

Се додава и дека заедно со Јаневска, во координирана активност биле вклучени и четири правни субјекти „поврзани преку семејни и деловни врски кои се исклучени од членство“, поради „сериозно нарушување на угледот и функционалноста на институцијата“.

„Согласно член 4.5.4 од Договорот за основање, Претседателот на ССКМ, Трајан Ангелоски, донесе формална Наредба за итна суспензија на Сузана Јаневска, со која ѝ се забранува пристап до службените простории, контакт со членството и користење на било какви ресурси во име на ССКМ. Исто така, таа е задолжена веднаш да ги врати сите доверени средства во сопственост на Сојузот“, се наведува во соопштението, како и дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.

Каква ќе биде правната разврска на овие превирања во ССК, за сега е тешко да се прогнозира. Сепак, треба да се напомене дека состојбите во оваа асоцијација на стопанствениците, во која се сконцентрирани претежно мали и средни компании, подолго време не се идеални.

Казната која ја изрече КЗК, која прекршочно ја казни ССК која треба да плати 0.87%, од приходите во 2024 година, односно 100.000 денари или околу 1.600 евра, се чини дека ја прели чашата.

Казната беше изречена откако КЗК по допрен глас поведе постапка против Сојузот на стопански комори и против четири големи синџири на маркети заради постоење на сомневање за картелско здружување што е строго забрането согласно Законот за заштита на конкуренцијата.

„Извршниот директор и потпретседателот на Комората свесно давале неточни податоци за улогата на Комората и нејзините овластени лица во организацијата на склучувањето на забранет договор (картел) помеѓу четирите големи ланци на маркети“, соопштија од КЗК.

Во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов на порталот „Пари“ на оваа тема пред три недели се осврна и Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК и сопственик на „Специјал“, кој меѓу другото рече дека бил фрапиран од целата ситуација, односно без да бидат информирани останатите потпретседатели на ССК (шест на број) и Управниот одбор, своеволно се превземал чекор заедно со претседателот и еден потпретседател, односно претседателот на Трговската комора, „да прават состаноци со четири трговски синџири“.

Ѓорѓиевски посочи дека е „дете од самите почетоци на ССК“ и дека има вложено многу во комората.

„Тоа го дознавме отпосле. Не сме информирани. Уште потрагично е после тоа да се излезе со едно извесување на ССК за кое што практично КЗК се ‘фаќа’ и за кое што се евидентира дека постои ваков прекршок во насока на картелско здружување. Фрапантното беше што не бевме информирани“, изјави Ѓорѓиевски додавајќи дека тоа ќе беше додадена вредност кон претседателот на комората и другите членови на УО и другите потпретседатели, затоа што лично ќе кажел дека постои потенцијална опасност да се случи вакво нешто.

Тој исто така во поткастот изјави дека УО на ССК не се состанал сѐ уште, како и дека има и друг проблем, односно дека во декември имало неуспешен обид за Собрание на ССК, како и дека сегашниот претседател (Трајан Ангелоски, заб.) не е легитимиран на Собранието.