Што сѐ треба да напишете на багажот за да ви се врати?


Постојат некои работи кои не смеат да се најдат во патничката торба, ако сакате да ви се врати назад…

Околу 97 отсто од изгубениот багаж на аеродромите за неколку дена им се враќа на сопствениците, но што е со оние три отсто? Сѐ што може да направите е да се потрудите да не биде меѓу нив.

Многу важно е информациите кои се напишани на багажот да се читливи и јасни на сите јазици. Значи заборавете на кирилицата кога се работи за багаж.

Не лепете самолепливи хартии на куферите, лесно ќе се одлепат, а и бојата ќе исчезне ако е во допир со вода. Подобра опција е да закачите ознака на куферот, а повеќето ги имаат.

Информациите кои треба да се најдат на патничките торби се име и презиме, меил и телефонски број. Ако патувате во странство, најдобро е да го напишете и повикувачкиот број за вашата држава за да можат да ве добијат од странство.

Многумина избегнуваат да ги напишат личните податоци особено домашната адреса иако и таа може да помогне при враќање на багажот.

Ако сте го изгубиле во својата земја, при заминување на пат, постои оправдан страв дека е украден и дека крадецот знае оти сте на пат и ја има адресата. Затоа подобро оставете број на телефон и меил.

Ако патувате надвор од земјата, треба да избегнувате национални ознаки на багажот како боите на знамето, грбови или натписи… Се додека не го предадете багажот, потрудете се да ги скриете личните податоци.

Дополнително, може да го фотографирате багажот и да си го пратите на меил, па во случај да се изгуби ќе ја пратите фотографијата на авио-компанијата. Додадете ги и димензиите на багажот и вашите лични податоци.

На пазарот може да се најдат и дигитални ознаки за багаж кои се закачуваат на торбата, ја штитат приватноста на информациите кои сте ги оставиле, а овозможува да биде лоциран.