Што облече министерката за култура на аудиенција кај папата Франциск : Црн фустан од кашмир и охридски бисери


Строг минималистички црн фустан, со долги ракави, креација на модниот дизајнер Андреј Папаз од Битола , и вел со кој се покрива главата, избра министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, на официјалната посета на Ватикан, по повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим.

– Фустанот е со прикладна должина изработен од кашмир и свила, збогатен со рачно извезена памучна чипка, нанесена низ цела креација. Силуетата е строга и прочистена, истакната со пеплум а сите детали се минимализирани, појаснува македонскиот моден дизајнер Папаз.

Тој додава дека удобноста и изградениот  вкус на министерката беа во фокусот на вниманието при смислувањето на дизајнот.

-Целта беше да се создаде креација која ќе плени со својата едноставност и квалитет. Велот е изработен од свилен жоржет, кој со својата леснотија и провидност дава елегантен ефект и е прикачен за венче изработен од истата чипка која ја има на фустанот, додава Папаз, кој во јавноста е препознатлив и како костимограф за претстави ширум македонските театри, а и костимографии за телевизиски серии.

Од накит, министерката за култура се одлучи за бисерен ѓердан од семејството Филеви од Охрид. 

Костадиновска-Стојчевска, која во јавноста се наметна со необичниот, минималистички стил на облекување, и за чествувањето на манифестацијата „Денот на свети Кирил“ во Рим, Италија, во чии рамки концерт одржа реномираниот тенор Благој Нацоски, избра формален црн фустан, украсен со чипка околу вратот и ракавите, што беше елегантен ефект, дизајн на битолскиот креатор Дарко Граматковски.  (Л.С.)