Што напиша париски „Либерасион“ за расказите на Румена Бужаровска

По „Галимар“, „Либерасион“. Францускиот дневен весник во своето викенд-издание посветено на литературата се осврна за најновата збирка раскази на Румена Бужаровска што е објавена на француски јазик – „Не одам никаде“ (издание на „ТРИ“). Збирката раскази ја издаде една од најугледните француски издавачки куќи „Галимар“, во превод на Марија Бежановска.
– Жена или маж, ниту еден лик од расказите на Румена Бужаровска не бега од целосното разоткривање на неговите мани и предрасуди. Љубомора, кукавичлак, ароганција… Палавото перо на 44-годишната македонска авторка воодушевува во ситничарството на душите обликувани од општествените стеги – го започнува својот осврт новинарот и литературен критичар Луи Сејер.
Во трето или прво лице, жените со четириесет и нешто години од средната класа, кои најмногу се изразуваат во нејзините книги, ги гледаат своите емоции изложени без филтер, горко исмеани, но со одредена добрина.
– Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност. Хуморот ми дозволува да ја убијам оваа сентименталност, а исто така е најдобар начин да укажам на нечија ригидност, сексизам или расизам – вели Бужаровска за „Либерасион“.
Разочарани, Весна, Софија или Светлана се сомневаат и се исцрпуваат обидувајќи се да ги исполнат своите улоги како мајка, сопруга или сама жена. Тие се исто толку неспособни како и мажите околу нив да го надминат современиот конформизам и да комуницираат со другите.
– Тоа е една од работите што сакам да ги направам: да ги хуманизирам жените и нивните мани, а не да ги осудувам повеќе или помалку грубо од мажите – додава таа.
Според новинарот на „Либерасион“, овој стремеж не е изненадувачки на Балканот.
Целиот текст тука