Што напиша „Њујорк тајмс“ за „Силјан“ на Тамара Котевска?
„Њујорк тајмс“ објави рецензија за документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на македонската режисерка Тамара Котевска, оценувајќи го како „лирично и необично остварување што ја спојува документаристиката со елементи на магичен реализам“.
Во текстот со наслов „In ‘The Tale of Silyan,’ the Storks Are Watching“ (Во „Приказната за Силјан“, штрковите гледаат), авторката Алисa Вилкинсон пишува дека филмот претставува спој од документарец за природата, социјална приказна и бајка, при што присуството на штрковите му дава „вонсветовна атмосфера“ на приказот на едно село во изумирање во Македонија.
Рецензијата прави и јасна паралела со „Медена земја“, филмот на Котевска од 2019 година, кој доби две номинации за Оскар. Весникот наведува дека и новиот филм ја продолжува истата тематска линија – врската меѓу традиционалното земјоделство, климатските промени и миграцијата – но во „The Tale of Silyan“ таа ескалира во помистична и подивa визуелна форма.
„Филмот на Котевска од 2019 година, „Медена земја“, првиот што доби номинации за Оскар и во меѓународната и во документарната категорија, исто така, ги разгледа начините на кои промените во животната средина, традиционалното земјоделство и миграцијата беа испреплетени во рурална Македонија. Тој филм имаше соновна атмосфера што се пренесува и на „Приказната за Силјан“, но овој има чудна дивост, благодарение на присуството на штрковите. Тие изгледаат како уште еден збир жители во селото, особено затоа што човечката популација се чини дека постојано се намалува. Штрковите постојано гледаат, како духови, со нивните издолжени пропорции и вратови што можат целосно да се свиткаат наназад“, пишува Вилкинсон.
„Њујорк Тајмс“ посебно ги истакнува интимните сцени, како моментите кога Никола се грижи за повреден штрк во својот дом, но и широките визуелни кадри што го прикажуваат селото како простор што тивко исчезнува. Според весникот, токму легендата вткаена во филмот ја засилува неговата вистинитост – бидејќи приказните за заминувањето и враќањето на младите луѓе се повторуваат со генерации, а штрковите, симболично, секогаш биле таму да го набљудуваат тој циклус.

Филмот ја започна својата светска авантура во Венеција, каде ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следеа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на National Geographic Documentary Films.
Овој филм е наш кандидат за Оскар за категоријата “најдобар странски филм”, а токму National Geographic го пријавува овој филм за трката за Оскар, во категоријата “најдобар документарен филм”. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка, повторно имаме шанса поради Тамара Котевска за двојна номинација за Оскар.
Агенцијата за филм на Северна Македонија со 100.000 евра ќе ја поддржи кампањата за Оскар на документарниот филм бидејќи смета дека од исклучителен национален интерес.

„Кампањата за Оскар ја поддржува „Нешенл џеографик“ (National Geographic). Целиот буџет е околу 700.000 евра, Македонија учествува со 100.000 евра што е фантастична сума во споредба со тоа каков буџет нудат регионалните фондови кои немаат ни филм што има реални шанси за Оскар, рече претходно, на прес-конференција, в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Филмот доловува една уникатна приказна за симбиозата помеѓу македонскиот земјоделец Никола и повредениот штрк Силјан за кој тој почнувада се грижи. Филмот зад кој стои меѓународен тим, отвара прашања поврзани со животната средина, која директно влијае врз самата егзистенција и начинот накој ќе продолжат да опстојуваат јатата штркови, исплатливоста на индивидуалното земјоделство, семејствата коишто се соочуваат со синдромот „празно гнездо“, упорноста на еден човек и неговите истрајни избори токму кога животот носи предизвици.
Дејствието во документарниот филм се одвива во с. Чешиново, македонско село познато како село со најмногу гнезда на штркови кои доаѓаат секоја година. Глобалниот проблем околу загрозеноста на јатата штркови која е последица од промените во природните средини, нарушени поради урбанизацијата, но и поради фактот што модерното земјоделствовклучува користење на пестициди со што се исцрпува природниот плен од кој се хранат штрковите, па тие сè повеќе ја бараат својата храна помеѓу депониите се огледува и во филмот.
Во филмот е силно присутна и македонската митолошка приказна за Силјан која како да е дел од животот на главниот протагонист во филмот, Никола. Митолошката приказна за Силјан во филмот на Котевска станува “Приказна за Никола и Силјан” и носи утеха во суровиот материјален свет. Оваа утеха кај гледачите после проекцијата на филмот прераснува во една поинаква грутка која можеби ќе ги натера да направат поинакви животни избори или ќе ги мотивира да истраат во сопствените убедувања.
Филмот наскоро ќе има и македонска премиера.