Што можат да донесат новите избори во Бугарија?
Откако партијата „Има таков народ“ го врати мандатот за формирање влада, земјата се подготвува за нови избори. Националното собрание ги заврши изборните закони и политичките партии се позиционираат за претстојната кампања во Бугарија.
Многу се дискутира дали потегот на Слави Трифонов со шаховската кралица Антоанета Стефанова беше грешка или не. Од една страна, влада на „Има таков народ (ИТН), на „Демократска Бугарија“ (ДБ) и на „Исправи се, излези надвор“ , која би се потпирала на БСП или ДПС во Националното собрание по дефиниција би била нестабилна и многу ранлива. БСП покажа дека, дури и за изборните правила, тие можат да имаат поинакво мислење од „протестните партии“, а да не ги спомнуваме прашањата како што се реформите во судството. Од друга страна, одбивањето на ИТН да се обиде да формира малцинска влада и да развие програма за владеење во наредните месеци е пропуштена можност. Дури и ако оваа влада беше торпедирана од БСП во одреден момент, барем ќе беше јасно за каква алтернатива за управување станува збор.
Пропуштена можност
Третиот мандат – на која партија и да отиде – тешко може да ја надополни пропуштената можност. Ако ДБ го добиеше, без ИТН малцинсктаа влада ќе беше неодржлива. БСП – на кој претседателот Радев логично одлучи да му го даде мандатот – веројатно нема да се обиде да формира широка коалиција со ГЕРБ и ДПС (партија на Турците), што би било скоро самоубиствено за сите три партии. Значи заклучокот е – третиот мандат нема да помогне да се избегнат нови избори.
Воопшто не е сигурно, исто така, дека овие нови избори ќе дадат појасно решение за равенката на управување. Според сегашните ставови, има извесни поместувања во поддршката на јавноста за партиите кои се во корист на ИТН и „Демократска Бугарија“. Но, тие не се доволно значајни за да им дадат јасно мнозинство на ново гласање. Што е најважно, има толку многу непознати во моментов што обидите да се предвидат резултатите на изборите во јули се прилично шпекулативни. Тоа го наметнува следниот заклучок – овие избори ќе бидат неизвесни и скоро сè може да им се случи. Ова крие и можности и големи ризици за главните играчи.
Борисов треба да започне да одговара на прашањата
ГЕРБ веќе ја откри својата главна стратегија. Тие ќе ги обвинат ИТН, ДБ и БСП за неможност да управуваат. Толку им се допаѓа оваа стратегија што веќе почнаа да се опиваат од неа. Како резултат, Борисов започна да се состанува со Советот на министри во неговата кантина, од каде го критикуваше новото мнозинство како „бункер“ и демонстрираше „менаџерски капацитет“ дури и дома. На сите им е јасно дека оваа претстава ќе функционира некое време, но нема да гарантира добар резултат на ГЕРБ на изборите.
Прво, анализата за работењето на владата на ГЕРБ е далеку од розова, како што ја прикажуваат Борисов и неговите приврзаници. Второ, земјата нема да остане без управување дури и без премиер во оставка. Демократиите имаат институции, а моќта не е личен атрибут, како што некои мислат. Трето, пред да ја заземе позицијтаа на обвинетиот Георги Димитров на судењето во Лајпциг, добро е Борисов да започне да одговара на прашањата до него: за скандалот со коцкање и милионите дадени на Божков (веројатно по грешка?); за шкафчето и слично. Конечно, ГЕРБ не треба да го потценува јавниот бран против него. И покрај тоа што многумина се разочарани од одбивањето на ИТН да формираат влада, изборите во јули може да се претворат во втора и поубедлива потврда на статусот на опозицијата на ГЕРБ и Борисов.
Ризиците за „Има таков народ“
ИТН презема многу ризици во оваа нова кампања. Тие создадоа големи очекувања за себе, а досега изгледаат како шахисти кои играат неактивно. Па, дури влечат и невозможни потези. Вториот ризик за „Народот“ на Слави е тоа што тие премногу се потпираат на референдумот од пред неколку години и на неговите барања – особено за мнозинскиот систем. Сепак, овој референдум не е основа за програма за владеење – и мнозинскиот систем и субвенциите за партиите не се централни прашања на бугарската влада. Што би било подобро во една угарија во која луѓето можат да избираат помеѓу мнозинство кандидати на Бојко и мнозинство кандидати на Слави (плус неколку локални мутро-феудалци во провинцијата)? За околу половина од граѓаните на земјата ова би бил политички кошмар. И мнозинскиот систем всушност ќе го спроведе.
Сепак, најголемиот ризик за ИТН е друг. Слави Трифонов најде победничка стратегија на молчење и неучество на јавни дебати. На овој начин тој се позиционираше себеси како радикално различен од другите, како вистински анти-естаблишмент. Ова исто така ги зголеми гласовите за него меѓу луѓе кои се разочарани од политичкиот систем и од оние кои не учествувале многу во него – млади луѓе надвор од главниот град. Со оваа стратегија нема да биде изненадување ако ИТН да излезе прва партија во јули и го земе медалот за лидерство од ГЕРБ.
Но, со оваа стратегија, во која тие продолжуваат да не комуницираат со ДБ и другите партии, ИТН исто така ризикува да остане изолиран и повторно да не може да формира владејачко мнозинство. На крајот на краиштата, протестот против системот е важен, но уште поважно е што ќе се стори по изборите. Ако тие почнат да се сметаат за изолирани антисистемски играчи и ако ги изгубат своите потенцијални партнери во парламентот, ИТН може да ужива во „Пировата победа“, како што сега тоа го прави Борисов.
Нови задачи за „Демократска Бугарија“
Исто така, се чини дека ДБ е во нагорен тренд и социолозите веќе регистрираат зголемена поддршка за формацијата. Повлекувањето на ИТН од централните медиуми му даде на ДБ уште поголема можност да покаже нови лица и добри експерти со кои располагаат. Сепак, најзначајната предност на демократите е нивната програма – тоа е најјасниот лакмусов тест што може да ги разликува „партиите на статус кво“ од „партиите на промени“. И, тука не станува збор само за реформи во судството (вклучувајќи го и барањето за укинување на специјализираното обвинителство и судство). И во економијата, и во социјалната сфера, ДБ може да обезбеди идеолошка платформа за управување што не се тетерави во популистичка насока, таа е мошне проевропска во својата ориентација, спроведува зелени политики и води кон модернизација на земјата. Таквата платформа може да стане вистинска алтернатива на ГЕРБ.
Ризиците,пак, за ДБ се во две насоки. Прво, оваа формација мора да произлезе од формулата за „урбана десница“, која ја закотвува околу 10 отсто. Според „Market Links“, ДБ е веќе достигна околу 12 отсто поддршка што покажува дека е можен ваков чекор напред во „градскиот плафон“. За да се консолидираат и прошират, тие ќе мора да се позиционираат како директен конкурент на ГЕРБ не само во Софија, туку и во другите поголеми градови (како почеток). Второ, вистина е дека реформата на судството е нешто што треба да се направи како приоритет. Но, исто така е точно дека надминувањето на сегашниот „плафон“ на поддршка е поврзано со развој на други теми: инвестиции, инфраструктура, финансии, здравство, сиромаштија. На овие теми, ДБ може брзо да стане лидер во десниот центар. Ризикот за ДБ е дека, ако не ги направи овие достигнувања, ентузијазмот на нивните приврзаници, особено на новите – може да почне да се лади.
БСП и останатите
За БСП и ВМРО, новите избори ќе бидат шанса за одмазда од прилично тешките порази. Во БСП работите изгледаат егзистенцијални, барем од гледна точка на лидерот Нинова. Војводите, исто така, веднаш скокнаа на нивните коњи и ги посолија од седлата нивните веќе пресолени политички манџи, извикувајќи „Турци“ и „јаничари“ за ИТН. На крајот, ограничувањето на избирачките места во странство беше неоправдана дискриминација и добро е што е отфрлена, и покрај завивањата од национално-популистичкиот сектор. За огромното мнозинство Бугари, парламент без самопрогласени „патриоти“ всушност се покажа како нешто не само прифатливо, туку дури и пријатно. Токму ова чувство ќе биде најголемата пречка за враќање на ВМРО во Националното собрание.
Интересно е како ќе се прикаже ДПС на овие избори – како потенцијален партнер на ГЕРБ или како алтернатива на нив. За движењето, ова нема да биде значајно за неговиот изборен резултат што е стабилен, но би било важно за постизборните сметки. Како и порано, сепак, катарзата на ДПС останува реверзибилна.Ова е предизборна состојба. Овие избори не беа неизбежни, но се надевам дека нема да се покажат непотребни. Во секоја демократија новите избори не се трагедија, туку можност народот да го каже своето, дури и ако се покаже дека е исто. (Дојче Веле)