Што ќе остане од Министерството за економија откако ќе ги загуби главните сектори

На сегашното министерство ќе му бидат „скратени крилјата“, бидејќи во него нема да бидат енергетиката, надворешната трговија, туризмот и минералните суровини


Засега никој не знае како би се одвивала трансформацијата на Министерството за економија

 

Му земаат четири сектори, а му додаваат три – вака накусо ќе изгледа трансформацијата на Министерствотo за економија, едно од најзначајните во досегашната поставка на органите на управата, во кое беа сконцентрирани исклучително значајни надлежности – почнувајќи од оние во енергетиката, туризмот, надворешната трговија, минералните суровини… Наместо нив, според Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за кој денеска новиот пратенички состав во Собраниeто даде виза да се носи по скратена постапка, на иднотo Министерство за економија ќе му се додадат три сектори и тоа од сегашното Министерство за труд и социјална политика, а кои се однесуваат претежно на бизнисот и вработените, преговoрите со синдикатите и сл.

„Пред изборите кои поминаа, ветивме функциoнална и правна држава, ефикасна влада која ќе спроведе реформи и ќе го подобри животот на сите граѓани во Македонија“, изјави мандатарот за премиер Христијан Мицкоски кој е предлагач на новото законско решение. Според него, за да се спроведе ова потребна е добра организација на владата.

Што е тоа што овој закон го опфаќа и каква е реорганизацијата?

Накусо, со измените во законот се предвидува да бидат формирани или реорганизирани повеќе министерства при што Министерствотo за економија е едно од оние кое ќе претрпи најголема трансформација и ќе прерасне во Министерство за економија и труд.

Како што вели Мицкоски, тоа практично ќе биде министерство кое што ќе опфати дел од ингеренциите на постојното Министерство за економија на кое ќе му биде додаден сегментот труд „за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место и да можат на тоа место заедно да ги реализираат своите права, дијалог итн.“.

Дел од надлежностите кои што до сега ги има Министерството за економија во делот на рударството и на енергетиката во иднина ќе бидат дел од надлежностите на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Плус, дел од ингеренциите кои што ги има сега Министерството за економија, посебно во делот на туризмот, ќе бидат присоединети кон новото Министерство за култура и туризам.

Уште од ова се гледа дека на сегашното Министерство за економија на некој начин ќе му бидат „скратени крилјата“, имајќи предвид дека на секторите енергија, надворешна трговија и туризам отпаѓа значаен дел од економските активности во земјава, а исто така тие придонесуваат и многу во формирањето на домашниот бруто-производ. Не треба да се пренебрегне и влијанието кое што го имаат овие сектори во бизнис секојдневието, имајќи предвид дека тука спаѓа и издавањето лиценци за угостителски објекти, за хотели, потоа во секторот за надворешна трговија, односите со Светската трговска организација, билатералните договори, трговските режими со други држави… За секторот енергетика не треба посебно да се зборува, ако се знае колку беше важен изминатите години за време на енергетската криза.

Со реорганизацијата, во новото министерство од сегашната поставеност би требало да останат деловите кои ги покриваат индустриските политики, индустриските зони, работењето на малите и средните претпријатија, а ќе добијат и ингеренции за одредување на минималната плата, односно преговорите со синдикатите, определување на условите за работа во внатрешната трговија и слично.

Како ќе се одвива трансформацијата, за сега не знаат ниту во самото министерство. Неофицијално, „селидбата“ би се реализирала по сектори, како што е назначено во предлог решенијата кои се во собраниска постапка, и тоа по „принципот“ секој вработен со себе да го земе и бирото и компјутерот.

Исто така, сѐ уште не се знае што тоа ќе значи од аспект на број на вработени. Сега во министерството работат околу 150-160 лица, но колку од нив ќе останат и колку ќе дојдат од Министерството за труд и социјална политика не е познато.

Иако опозицијата денес во Собранието најави дека нема да гласа за предлогот на Мицкоски, забелешките сепак повеќе се однесуваа не на суштината на решенијата, туку на начинот на кој ова законско решение се носи – по скратена постапка, што за опозицијата е лош сигнал уште на почетокот на владеењето на новата гарнитура.

Од Министерството за економија може да се слушнат и неофицијални размислувања дека реорганизацијата не мора да значи дека ќе биде лоша, бидејќи новото министерство ќе може да се посвети целосно на активности кои до сега биле во втор план, а тоа е се индустриските политики, работењето на малите и средни претпријатија, внатрешниот пазар, односите во рамките на бизнисите, за што и до сега имало многу проекти кои поради позначајните сектори, некако останувале „под радарот“.

Во секој случај, како што велат наши соговорници, тоа во многу ќе зависи и од идниот министер. Некои од медиумите веќе објавија дека новото министерство ќе го води кадар од коалицијата „Вреди“, при што како персонално решение се споменува Бесар Дурмиши, претседател на Советот на Општина Тетово.  

Инаку, според предлогот на Мицкоски сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт повеќе нема да постои и ќе има посебно министерство за спорт.

Мицкоски вели дека ќе се формира и ново министерство кое што ќе има задача да спроведе еден многу важен проект кое што ќе ја зголеми транспарентноста, владеење на правото, ќе ја намали корупцијата, а тоа е Министерството за дигитализација кое во суштина ќе ги наследи обврските на сегашното Министерство за информатичка технологија и администрација. Ќе има уште едно ново министерство, тоа е Министерството за администрација.

„Мислам дека со една ваква реорганизација ќе добиеме на ефикасност, осовременување на самата влада, и пред се да го подобриме животот и стандардот на сите граѓани на Македонија“, вели Мицкоски.

После денешното прифаќање за потребата од овој закон, следат седници на матичните комисии каде што ќе продолжи расправата, по што предлог законот повторно да се најде на пленарна седница и според очекувањата на Мицкоски најдоцна до понеделник или вторник, односно 10 или 11 овој месец овој закон да биде изгласан. Потоа, би се преминало и кон составување на Владата, за што наводно веќе се договорени ресорите меѓу коалициските партнери.

Она што е неизвесно е дали владејачките партии ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за донесување на законските измени. Според денешниот распоред на силите, тоа уште не е обезбедено.

„Не би сакал да далувам како ловец на пратеници, туку едноставно сакам да ги повикам пратениците сите едногласно да ги донесат измените имајќи ги предвид и резултатите и од парламентарните избори“, вели Мицкоски и додава дека сепак „не сме почетинци и наивни политичари да веруваме во случајности“.

Како треба да изгледа новата влада:

1. Министерство за одбрана;
2. Министерство за внатрешни работи;
3. Министерство за правда;
4. Министерство за односи меѓу заедниците;
5. Министерство за надворешни работи и надворешна трговија;
6. Министерство за европски прашања;
7. Министерство за финансии;
8. Министерство за економија и труд;
9. Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини;
10. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
11. Министерство за здравство;
12. Министерство за образование и наука;
13. Министерство за социјална политика, демографија и млади;
14. Министерство за локална самоуправа;
15. Министерство за култура и туризам;
16. Министерство за дигитална трансформација;
17. Министерство за јавна администрација;
18. Министерство за транспорт;
19. Министерство за животна средина и просторно планирање;
20. Министерство за спорт