Што кажа Ковачевски за Ристо Пенов предлагајќи го за министер

Нема ништо чудно во секоја влада да се случуваат кадровски промени, а една од нив е предлогот Ристо пенов да биде министер за локална самоуправа, рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието,образложувајќи зошто поранешниот градоначалник на Скопје е кандидат. „Сакам да ве уверам дека станува збор за одличен предлог кој ќе ја зајакне Владата и ќе ја зголеми ефикасноста и успешноста во нејзиното работење“, рече Ковачевски.
„Станува збор за значаен ресор за нашите општини кои за една година гледаме дека се наоѓаат во проблеми кои ги водат неспособни градоначалници. Предлагам вистински човек, на вистинско место, во вистинско време. Господинот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интегрира, соработува и има визија. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, нови плоштади, поддршка на локалните бизниси и на културата“, нагласи премиерот.
Ковачевски е убеден дека Владата со Ристо Пенов во областа на локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратешките политики и на локално и на централно ниво. „Очекувам и барам, г-динот Ристо Пенов да внесе дополнително знаење, искуство, посветеност, човечки и морално-етички вредности, да внесе поддршка на тимот и во својот, но и во другите ресори. И од него, како и од другите барам целосна посветеност, перманентна работа, искрен однос кон сите и чесен пристап кон граѓаните и државата“, рече Ковачевски.
За опозицијата промената на министерот за локална самоуправа била за дефокусирање на јавноста.
„Што е тоа што може Пенов да го подобри во Владата? Државата се соочува со криза на енергетски, економски, социјален план, имаме тотално потфрлање и корумпираност во безбедносниот сектор, а вие Ковачевски овде ни предлагате смена на министер за локална самоуправа, демек сите ресори се добри, но во моментов најважен ресор што треба да се подобри е ресорот за локална самоуправа“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец од ЛДП, Горан Милевски, поднесе оставка од функцијата од лични причини.