Што? Христијан Мицкоски ќе регулира криптовалути?
БЛАЖЕ АРИЗАНОВ
Лидерот на ДПМНЕ најави дека ќе поднесе закон за регулација на криптовалути и нивното тргување во Македонија. Според мене, веста доби нешто повеќе замав отколку што заслужува. Во продолжение образложувам зошто сметам така.
За криптовалути НЕ ти е потребна дозвола
Не гледам зошто Мицкоски или кој било друг би ти бил потребен да влезеш во светот на криптовалутите. Регулативата би се однесувала на можноста да купиш крипто преку банкарски трансфер (Fiat On-Ramp). Но купувањето на криптовалути не е единствениот начин да поседуваш криптовалути. Можеш и да ги заработуваш. Никој не те спречува да ја понудиш својата експертиза каде било во светот и да побараш да бидеш платен во криптовалути, а уплатата да ја добиеш за само неколку секунди.
Спореди го тоа со сегашната ситуација што ако си од Македонија или друга земја во развој, не толку интегрирана во светските финансиски текови, да мора да пополниш триста формулари и примерок од урина за да докажеш дека дознаката што ја добиваш од странство не е за финансирање тероризам.
Што, всушност, ќе биде регулирано?
Соопштението на ДПМНЕ не посочува што ќе биде предмет на регулација. Криптовалутите како на пример Bitcoin, Litecoin, Ethereum? Или деривативи на криптовалути како на пример опции (options), фјучерси (futures) и CFDs (Contract For Differences). Ете на пример британското регулаторно тело регулира деривативи, но не регулира криптовалути.
Случајот со Ел Салвадор не е тоа што мислиме
Криптосветот неодамна беше возбуден од веста дека Ел Салвадор го прогласи биткоин за легален тендер. Многумина тоа го зедоа како знак за уште една афирмација на биткоин визијата и за „смртта на доларот“, кралот на фиат валутите.
Малкумина знаат дека пред само неколку месеци, во март 2021, Ел Салвадор се обрати до ММФ за позајмица во вредност од неверојатни (по однос на големината на нејзината економија) една милијарда американски долари. Ако доларот е мртов, зошто земјите бараат начини да дојдат до него? Ел Салвадор мораше конечно да посегне по биткоин заради неможноста да пристапи до долари, буквално од очај, последно можно решение.
Ел Салвадор е доларизирана економија исто како и повеќе други земји во развој меѓу кои и Кина – земјата која својот раст го должи на глобализацијата и (до неодамна) лесниот пристап до долари, а не заради успешноста на кинескиот комунизам – факт што социјалистите одбиваат да си го стават во глава.
Ел Салвадор го спомнувам во контекст на оваа вест заради прашањето – Зошто опозицијата би има интерес од ваков потег? Зошто баш сега? Да излезеше актуелната влада со таков потег, би можеле да препознаеме структурни проблеми. Но ДПМНЕ моментално е во опозиција, a во нивното соопштение не препознав грижливост по однос на проблеми во монетарниот систем, како можно оправдување за нивниот предлог.
Дубиозни тврдења
Соопштението на ДПМНЕ прво спомнува дека бенефитот би бил отстранување на посредниците при реализација на трансакциите, за после тоа да спомне и друг бенефит – компресирање на времето за порамнување на трансакции?
Кој е од двете? Прашувам бидејќи двете цели се дијаметрално спротивни.
Обичниот граѓанин барем директно не е засегнат како и за колку време се вршат порамнувањата – ако мислите поинаку слободно прашајте десет случајни граѓани на улица што е тоа КИБС и како работи и видете дали барем еден ќе одговори точно. Ако клириншките системи треба да станат секојдневие на обичниот граѓанин ова значи дека нешто сериозно не чини со монетарниот систем. Кога нештата функционираат добро, обичниот човек не знае, а во нормални услови и не треба да се оптоварува со нештата под монетарната хауба.
Второ – либерализација на fintech пазарот. Сака ДПМНЕ дизинтермедијација? И како позиција и како опозиција имаше доволно време да го воведат законот за Платежни услуги со што би се овозможило влез и развој на fintech компании од категоријата на PISP (Payment Interface Service Provider) и AISP (Account Information Service Provider). Со оваа регулатива банките би биле подложни на поголема конкуренција (дизинтермедијација), а граѓаните би добиле поевтини услуги, на располагање 24/7 а не до 14 часот. Продорот на fintech играчи би бил далеку подобро краткорочно и среднорочно решение за проблемот што ДПМНЕ тврди дека би ги адресирала преку регулацијата на криптовалути.
Оваа и претходните влади не успеаја да го либерализираат пазарот за Платежни услуги и покрај очигледниот бенефит за илјадници граѓани, а очекуваме да блеснат во доменот на криптовалутите? Не верувам.
Околу 100.000 граѓани во Македонија користат криптовалути?
Бројка која најверојатно е погрешна, а според мене напумпана.
Прво, со исклучок на понапредни методи за crossmatching data, on chain, не може да се знае колку луѓе поседуваат криптовалути во рамките на одредена територија. Од каде би била калкулирана таа бројка? Дали деловните банки споделиле приватни информации околу тоа колку луѓе уплатиле средства на крипто менувачници, како репер за таа бројка?
Второ – најголем дел од таа бројка на луѓе не поседуваат криптовалути туку деривативи (derivatives), од кој најчест кај нас се CFDs (Contracts for Difference). Да поседуваш криптовалути е тотално различно од тоа да поседуваш CFDs, но повеќето луѓе не се навикнати да читаат фусноти.
И последно, а не помалку важно за крипто експертите во таборот на ДПМНЕ – термините „блокчеин“ и „биткоин“ никогаш не се употребуваат во членувана форма.
(Блаже Аризанов е претприемач и автор. Неговата книга „Белиот трофеј“ е позната во светот на претприемаштвото)