Штипскиот хотел „Гарни“ оди на продажба за само 500.000 евра
Хотелот „Гарни“ кој е сопственост на Општина Штип ќе оди на повторна продажба. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова истакна дека направена е нова проценка на вредноста на хотелот „Гарни“.
-Согласно методологијата изнесува над 31 милион денари и тоа би било почетната цена за продажба на хотелот „Гарни“. Советот на Општина Штип донесува одлука и првата постапка, којашто треба да ја спроведеме веднаш по донесувањето на одлуката е имотот согласно законот за заштита на културното наследство да биде понуден на државата, доколку државата има интерес за откуп на оваа културно наследство, тогаш општината би го продала на истата. Меѓутоа доколку нема, се разбира ќе биде ставен објектот на продажба на страницата која што ја одржува ЗЕЛС, а тоа „е-ствари“, вели Шорова-Ангелова.
Инаку, хотелот „Гарни“ лани двапати беше понуден на продажба, а денеска мнозинството советници во Советот на Општина Штип дадоа согласност за продажба на овој објект и во 2025 година. Хотелот „Гарни“ се наоѓа во централното градско подрачје на Штип и од страна на државата е заштитен како прва категорија споменик на културата.