Штекли се брани со шизофренија, неговиот доктор бара лечење место затвор

Судијата Илија Трпков повторно го одложи судењето против Раде Трајковски, со прекар Штекли,откако двајца психијатри дале различна дијагноза за обвинетиот.
Имено вештакот ангажиран од одбраната заклучил дека Трајковски не може да се застапува на суд и треба да оди на лечење на Клиниката за психијатрија.
“Од пред три години Трајковски има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот, има бизарни идеи кои го преокупираат и поставил камера дома бидејќи го преокупираат мисли дека албанската мафија се здружила против него. Има халуцинации, нарушено доживување на телото и органите, шизофренија како психотично растројство“, оценил психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски.
Спротивно на тоа, психијатар Оливера Суботин Поповска од болницата Бардовци заклучува дека обвинетиот може да го следи судењето, расудува и е – пресметлив.
На следното рочиште вештаците треба да ги објаснат своите дијагнози пред судот. Минатото рочиште се одложи бидејќи Трајковски доби епилептичен напад во затворот Шутка и наместо на судење го однесоа на Клиника за неврологија.
На денешното рочиште за случајот „Штекли“, поврзан со организирана продажба на дрога во скопската населба Аеродром, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.
Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага која вклучувала посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, донација од САД.