Штајнмаер: Од среда мерки какви што не се видени во историјата на Германија


Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска предупреди дека ситуацијата со пандемијата на коронавирусот во земјата  е крајно сериозна и посочи дека е пред излегување од контрола, па затоа од среда најави воведување на драстични мерки.

-Вирусот е се уште многу присутен. Затоа од среда ќе воведеме рестриктивни мерки што не се видени во историјата на нашата федерална држава. Ситуацијата е многу сериозна. Се соочуваме со пандемија што избега од контрола и секоја недела убива илјадници животи, рече Штајнмаер во видео пораката упатена до германскиот народ, пренесуваат американските медиуми.

Штајнмаер апелираше до своите сограѓани да направат дополнителни напори за да помогнат во спроведувањето на овие нови ограничувачки мерки.

-Пандемијата трае речиси една година, а сега најважно е да се зачуваат здравјето и животот на луѓето. Во последниве месеци, поминавме долг пат, продолжувајќи заедно и се грижиме едни за други. Убеден сум дека пандемијата не може да ни ја одземе иднината, рече Штајнмаер и апелираше до граѓаните да го избегнат паничното божиќно купување во последен момент.