Шредер хоспитализиран поради исцрпеност, не може да сведочи за „Северен тек 2“
Берлин – Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер (80) е хоспитализиран поради „тешка исцрпеност“ (burnout), јави ДПА.
Според писмото од неговиот лекар, Шредер страда од синдром на сериозна исцрпеност со типични симптоми на длабока замореност и сериозен недостиг на енергија.
Осумдесетгодишниот политичар има проблеми со концентрацијата и меморијата, страда од нарушувања на сонот и намалена емоционална отпорност, се наведува во медицинскиот извештај.
По препорака на неговиот лекар, Шредер побарал хоспитализација, потврди неговиот адвокат Ханс-Петер Хубер за ДПА.
Светската здравствена организација (СЗО) го дефинира burnout како „професионален феномен“ предизвикан од хроничен стрес на работното место кој не е успешно менаџиран.
Иако Шредер ја напушти канцеларската функција пред 20 години, тој водеше активна – но и контроверзна – кариера по политиката.
Поранешниот лидер на Социјалдемократската партија беше остро критикуван за своите врски со Русија.
Тој работеше за неколку руски државни компании и одржува блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Во јануари, Шредер ја откажа најавената изјава пред парламентарната комисија во северната покраина Мекленбург-Западна Померанија, која истражуваше детали за изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, проект што тој го поддржуваше додека беше канцелар.
Неговиот лекар истакна дека Шредер во моментов, а најверојатно и во блиска иднина, не е способен да се носи со физичкиот и психолошкиот напор на долго – особено јавно – сослушување во истражна комисија.