Шпанија се приклучува кон програмата на НАТО за финансирање на американско оружје за Украина


Шпанската влада одлучи да се приклучи на програмата PURL на НАТО и да го финансира купувањето американско оружје за Украина, соопштија владини извори.

Според „Ел Паис“, одлуката е донесена по период на двоумење, при што премиерот Педро Санчез разговарал за ова прашање со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела, додека министерката за одбрана Маргарита Роблес разговарала со нејзиниот украински колега, Денис Шмихал.

Програмата PURL е воспоставена минатиот август откако американскиот претседател Доналд Трамп одби да продолжи со бесплатните донации на оружје за Украина.

Земјите од НАТО доброволно се приклучија во финансирањето на купувањето американска воена опрема, вредна околу две милијарди долари, вклучувајќи противвоздушни ракети „Патриот“ и ракети „Химарс“ со долг дострел.

Досега, Германија, Холандија, Канада, Данска, Норвешка, Шведска и неколку други земји се вклучени во програмата. Шпанија сега одлучи финансиски да ја поддржи оваа иницијатива, приклучувајќи се кон земјите што ѝ помагаат на Украина во нејзината борба против рускиот напад, особено во пресрет на зимата.

Според договорот потпишан во мај 2024 година, Шпанија веќе ја снабдува Украина со домашно произведена воена опрема вредна 1 милијарда долари годишно.

Санчез и Зеленски ќе се сретнат денес на европскиот самит во Брисел, каде што тема ќе биде поддршката за Украина.