Шпан: Германија до крајот на следното лето ќе вакцинира 60 отсто од популацијата


 Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, денеска изјави дека очекува Германија до крајот на годината да почне со вакцинирање на населението и дека до крајот на летото 2021 година против коронавирусот ќе биде вакцинирана 60 проценти од популацијата.

-Нашата цел е лиценциранта вакцина да ја добиеме до пред Божиќ и уште годинава да почнеме со вакцинирање во Германија, рече министерот за здравство за јавниот сервис ЗДФ.

Шпан изрази надеж дека до крајот на летото 60 проценти од германското население ќе биде вакцинирано. Според проценките на Светската здравствена организација соопшти дека за  борбата против пандемијата да биде успешна е потребно да се вакцинира  60-70 проценти од населението.

Клучна е, додаде тој, одлуката на Централната европска канцеларија за лекови (ЕМА), која се уште нема издадено дозвола за вакцината на германската компанија „БиоНТек“ и на американската компанија „Фајзер“.

Во меѓувреме, се појавија критики што вакцината „БиоНТек“ и „Фајзер“ веќе се користи, на пример во Велика Британија, додека земјите од ЕУ се уште на неа мораат да чекаат.

-Тешко е да се објасни дека вакцината развиена во Германија нема да се користи тука до јануари, рече Кристин Ашенберг-Дугнус, портпарол на опозициската Либерално-демократска партија за здравствена политика.

Јенс Шпан повторно се спротивстави на вонредната дозвола за употреба на вакцината.

-Ние уште од самиот почеток се залагавме за вакцината да биде лиценцирана за редовна употреба на ниво на ЕУ. Ова е важно за да се добие довербата од граѓаните, рече Шпан.