Шолц во ОН: Мир без правда е диктат, нема место за империјализам во 21 век


Володимир Зеленски и Олаф Шолц (Фото: АП)

Германскиот канцелар Олаф Шолц во говорот пред Генералното собрание на ОН во Њујорк ги поддржа меѓународните напори за мир во Украина, но истовремено предупреди од „привидни решенија“ кои зборот „мир“ го содржат само декларативно. „Зашто: мир без слобода значи угнетување. Мир без правда се нарекува диктат. Тоа конечно мора да го разберат и во Москва“, изјави Шолц.

Шолц денеска ќе присуствува на седница на Советот за безбедност, каде можеби ќе дојде до директна конфронтација меѓу воените противници Украина и Русија. За Зеленски ова ќе биде втор настап пред Советот за безбедност на ОН по почетокот на рускиот напад врз неговата земја пред 19 месеци. Во вторникот тој веќе зборуваше пред Генералното собрание, оценувајќи дека руската војна против Украина е напад врз целиот свет. „Не станува збор само за Украина“, предупреди Зеленски. Тој ја обвини Русија дека ги користи храната и енергијата како оружје.

Од руската инвазија во Украина поминаа веќе 19 месеци, а крајот не е на повидок. Постојат мировни иницијативи пред сѐ од страна на држави кои се сметаат за неутрални и не учествуваат во воведените санкции против Русија, во кои спаѓаат Бразил, Индија и Саудиска Арабија. Во врска со овие мировни напори, Олаф Шолц пред Генералното собрание на ОН изјави:

„Токму поради неподносливите последици кои оваа војна ги има ширум светот, добро и праведно е светот да учествува во барањето мир.“

Но, канцеларот веднаш предупреди од мир постигнат по диктат, против волјата на Украина. Киев за основен услов го смета комплетното повлекување на руските трупи од окупираните територии, вклучувајќи го и полуостровот Крим, анектиран од Русија во 2014 година.

„Не заборавете: Русија е одговорна за оваа војна, а рускиот претседател е тој кој со една единствена заповед може во секое време да ја заврши. Но, за да го направи тоа, мора да разбере дека ние, државите во ОН, сме сериозни во поглед на нашите принципи. Во мултиполарниот свет на 21 век веќе нема простор за ревизионизам и империјализам“, истакна Шолц.

Олаф Шолц и лани имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН, како прв канцелар по 15 години. Неговата претходничка Ангела Меркел во текот на нејзиниот 16-годишен мандат само еднаш настапи во генерална дебата – во 2007 година.