Шолц в петок во Белград, ЕУ и Србија ќе потпишат договор за увоз на минерали, вклучително и литиум


Германскиот канцелар Олаф Шолц в петок ќе отпатува за Белград за да присуствува на потпишувањето на договорот меѓу Европската унија и Србија за увоз на минерали, вклучително и литиум, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на Унијата, пишува порталот „Политико/еу“.

„Политико“ на 17 јули објави дека таа информација ја потврдиле три анонимни извори блиски до подготовките за посетата, а посетата подоцна ја потврдил и неименуван портпарол на германската влада. Порталот додава дека и од два извори добил потврда дека договорот ќе го потпише комесарот за енергетика Марош Шефчович во име на ЕУ, пренесе Бета.

„По години поминати во дипломатски срам, српскиот претседател Александар Вучиќ сега се катапултира повторно во политичкото внимание благодарение на ненаситниот апетит на Европската унија, а секако не и најмалку важноста на Германија, за суровини за производство на електрични автомобили“, пишува „Политико“.

Порталот наведува дека Германија како најголем производител на автомобили во ЕУ е многу заинтересирана да обезбеди литиум, особено во Европа со цел да се намали зависноста од Кина.

„Необично е, меѓутоа, што Шолц презема ваква посета за толку краток временски период“, оценува порталот и додава дека тоа не сакале да го коментираат ниту во кабинетот на канцеларот.