Шојбле: На ЕУ ѝ е потребен нов економски модел и стратешка автономија


Претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле апелираше до ЕУ да извлече поуки од пандемијата на коронавирусот и да ја намали зависноста од глобалниот синџир на снабдување.

Шојбле за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека пандемијата покажа колку Европа е ранлива со својата зависност.

Во авторски текст за весникот, тој посочи на привремениот недостиг на дури и наједноставната медицинска опрема, како што се заштитни маски.

Според него, сега е можност критички да се анализира целосниот економски модел и „да се надминат екцесите на глобализацијата“ секаде каде што доведоа до драматични последици за време на пандемијата.

Тој смета дека веќе сега е можно да се извлечат поуки дека ЕУ мора подобро да биде снабдена за да биде поотпорна на кризи и да биде понезависна.

За тоа, вели Шојбле, на ЕУ и е потребно да биде „опремена со поголема стратешка автономија“, како на пример со изградба на алтернативни синџири на снабдувачи со поповолни производни места со цел да се диверзификација и намалување на географските ризици.

Тој потенцира и дека е неопходно да се зајакне суверенитетот на Европа, особено во здравствениот сектор.