Шилегов: Не го прочитав писмото на уметниците за МКЦ, пребрзо се суди
Во текот на вчерашниот ден повеќе од 200 културни работници испратија отворено писмо до премиерот Зоран Заев во кое реагираа за избор на директор на Младинскиот културен центар, бидејќи сметаат дека поставувањето друг директор од актуелниот в.д. ќе биде партиска одлука, а тоа ќе штети за сиот досегашен труд МКЦ да остане на своето креативно и слободарско ниво.
– Не го прочитав писмото на уметниците, затоа што не беше адресирано кон мене и немам коментар за ситуацијата, бидејќи сметам дека живееме во општество, каде што се уште пребрзо се суди, кога постапката уште не е завршена – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, коментирајќи го вчерашното писмо на 251 уметник адресирано до премиерот Зоран Заев.
Инаку, Град Скопје, под чија капа е МКЦ, го објави конкурсот за избор на директор уште пред неколку месеци, но процедурата беше стопирана поради претседателските избори. Сега стручната комисија треба да ги разгледа пријавите кои пристигнале и да даде свое мислење до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Последниот збор за именувањето на директор за МКЦ по функција го има токму Шилегов.
Од Град Скопје за „Независен весник“ велат дека процедурата е во тек и дека на конкурсот пристигнале две пријави. Во периодот кога конкурсот беше отворен, актуелниот в.д. на МКЦ, Русе Арсов, на прес-конференција на новинарско прашање потврди дека аплицирал, а неколку дена подоцна во изјава за „Независен весник“ аплицирањето го потврди и музичарот Арбен Бени Шакири.