Шилегов ќе го менува изгледот на центарот во Скопје


Фото: Б.Грданоски

Шаренолики се фасадите на зградите во централното градско подрачје, особено околу плоштадот „Македонија“, по улицата „Македонија“, како и другите краци што излегуваат од плоштадот.

Со проектот „Скопје 2014“ многу од зградите во центарот на Скопје беа преслечени во нови, но сепак барокни фасади, изработени од стиропор. Со смената на власта, се смени и тактиката, па новите градски власти престанаа со обнова на фасадите, па сега, до нова фасада зјае некоја изгребана и уништена. Некои згради сè уште се со основната фасада, која не почнала да се реконструира и естетски да се дели од соседните.

На овој начин, центарот на Скопје станува грда слика за минувачите, но градскиот татко Петре Шилегов најави дека ќе го менува изгледот на центарот во Скопје.

– Имаме целосен план и веќе почнуваме со негова имплементација. Јас очекувам дека некаде во септември ќе излеземе и пред вас медиумите со целосниот концепт за изгледот на градот Скопје – рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по повод реконструкцијата на улицата „Московска“ во Скопје.

Фото: Б.Грданоски

Секојдневните вести дека почнува обнова на некоја фасада во централното градско подрачје завршија во 2016 година. Дотогаш се обновија фасадите на зградата над кафеаната „Пелистер“, по должина на целиот ред од двете страни, односно онаа која гледа на улицата „Македонија“, како и потегот кој води до портата „Македонија“. Оттука, кога се скршнува накај „Рекорд“, најпрво се забележува зградата на „Пелагонија“, каде што беа сместени Регулаторната комисија за енергетика и народниот правобранител. Таа остана нечепната. Фасадата на зградата до неа, пред Театарот за деца и младинци, е во ужасна состојба, изгребана и подготвена на неа да се постави нова, но тоа не се случува.

Фото: Б.Грданоски

Зградите пред влезот во Градскиот трговски центар беа преслечени во нови, барокни фасади, а дел од нив добија и столбови. Од другата страна на плоштадот, до новоизградениот хотел „Мериот“, по уличките од двете страни ‘блескаат’ нови, барокни фасади, но штом се помине хотелот се наидува на нова грда слика – изградениот постамент за мегаломанската скулптура на Мајка Тереза што требаше да ја гради Субрата Рој. Сопре градбата, но остана постаментот, за кој Шилегов неколкупати изјави дека е прескапо да се урне. Сега, градоначалникот на Скопје, најавува дека и за него има решение, но бара трпение затоа што имал план за изгледот на целиот центар на градот, но ќе го објавел во септември.

Билјана  Богдановска